2win800x200

Битолската обвинителка Нечаковска бара казна за адвокатот Рауфи за одолговлекување на судењето на екс претседателот на клубот „Ванчо Михајлов“

Ноември 06, 2024
фото Апла.мк фото Апла.мк

Битолската обвинителка Оливера Нечаковска побара казна за скопскиот адвокат Насер Рауфи поради злоупотреба на правата од Законот за кривичната постапка со цел одолговлекување на судскиот процес во кој обвинет е Љупчо Георгиевски, екс-претседателот на сега згаснатиот бугарски клуб во Битола „Ванчо Михајлов“.

Клубот „Ванчо Михајлов“ е избришан од Централниот регистер, ама сега членовите регистрираа нов клуб под името „Една роза“, ама ги задржаа просториите во објектот на улица „Рузвелтова“ во Битола, некогашно еврејско маало.

Обвинителката Нечаковска на денешното судење до судијата Цветанка Никодиновска поднесе барање за казнување на адвокатот Рауфи. По кусо разгледување на барањето Рауфи возврати дека ќе бара изземање на обвинителката, во писмена форма. Судијата Никодиновска донесе одлука дека во вакви околности не може да продолжи главната расправа па судењето го одложи за 28 јануари следната година.

Последното рочиште беше одржано на 19 декември лани, досега два пати беше одложено судењето по барање на одбраната, и сега со денешното одлагање значи дека повеќе од една година се пролонгира целиот процес.

На Георгиевски му се суди за две дела предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.

Обвинителката Нечаковска во изјава за „Независен“ образложува дека бара казна за адвокатот за злоупотреба на процесните права од Законот за кривична постапка. Нечаковска вели ништо не е тенденциозно и спротивно на закон туку предлогот е поднесен заради тоа што добила потврда дека адвокатот Рауфи со исто образложение во ист ден одлага две судења, и во два суда се правда на ист начин.

„Минатиот пат на расправата беше доставено барање од адвокатот за одлагање на судењето со достава на покана дека во друг суд има притворенички предмет, што има приоритет. При увидот во барањето видов дека поканата за тоа судење е со датум од месец јуни 2024 година, а се закажува расправа по предметот за септември 2024 година. Согласно судскиот деловник тоа не е правилно, оти притворските предмети се приоритетни и се закажуваат во кратки рокови, поради што притворски предмети се судат дури и за време на судската ферија. Се обратив до судот од каде беше поканата, и од таму добив одговор дека адвокатот и таму поднесол поднесок со скоро идентична содржина, но во обратна насока. Таму адвокатот побарал одлагање на судењето заради овдешното судење.“, рече обвинителката и ја објасни намерата –

„Видов дека и двете судења се одложени со иста аргументација и се злоупотребени правата што ги има одбраната во постапката. Како обвинители сме должни да обезбедиме интегритет во постапката и да го заштитиме угледот на чесните адвокати, како и да ги санкционираме ваквите обиди да се наруши довербата која треба да се има во адвокатурата како професија која заедно со судиите и јавните обвинители треба да го штити јавниот интерес“, изјави Нечаковска за „Независен“.

Адвокатот Рауфи вели не ги одложувал намерно судењата, туку дека тоа го правел или од здравствени причини или заради други ангажмани, но како што рече за одложувањата покрај поднесоците и по телефон ја известувал судивката.

„Имам оправдани причини за одлагање на судењата, само два пати барав одлагање, ова е зла намера. Побараа и притвор за обезбедување на присуството на обвинетиот Георгиевски, ама тој не беше уредно поканет“, вели адвокатот Рауфи во изјава за „Независен“ и негира дека судењата ги одлага заради застарување на постапката, па вели, „има време пет години“ за вакви предмети и плус се жалиме во Стразбур за бришењето на клубот ‘Ванчо Михајлов’ од регистерот. Судењето ќе потрае.“ вели Рауфи.

Според него како дополнителен предлог за сведок се очекува судот да го прифати Љупчо Георгиевски – „војводата“, претседател на ВМРО-Народна партија.

Досега сведоци на обвинителството беа Горан Садикарио, директор на Музејот на холокаустот во Скопје, Стефан Бошков претседател на Сојузот на борци од Битола, Зоран Ѓоргиев, публицист и автор на книги за битолските Евреи како и пејачот Ламбе Алабаковски кој веќе има пресуда за палењето на влезната врата на сега згаснатиот клуб на Бугарите „Ванчо Михајлов“ во Битола.

 

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани