АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Партиски митинг во салата во општина Могила одржа синоќа ВМРО-ДПМНЕ за поддршка во вториот круг на изборите на Стево Пивковски, кој тврдеше дека е независен канидадат.
Пивковски, срдечно го пречека и се поздрави со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Грувески, кој, на истото место, пред четири години, во кампањата за локалните избори го нарече преварант. Синоќа заедно им се обратија на могилчани и ја побараа довербата од нив.
-Тука сум исправен пред вас , да се заблагодарам на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и Извршниот комитет, што ми ја дадоа довербата во овие мрачни денови во Република Македонија да донесеме историска победа во општина Могила, победа на ВМРО-ДПМНЕ, рече Пивковски на митингот што се одржа во општинската зграда.
Пивковски, кој беше член на ВМРО-ДПМНЕ, на минатите избори и се спротистави на партијата и настапи како независен кандидат, откако таму, ВМРО-ДПМНЕ, по петти пат го кандидираше Славко Велевски. Тогаш Груевски, на митингот во Могила го нападна Пивковски.
-Нам не ни требаат преваранти да ни ги преземаат општините, туку чесни кандидати, рече Груевски во 2013 година на митингот во Могила.
Но, Пивковски победи на претходните локални избори како независен кандидат, а беше исклучен од партијата.
За овие локални избори повторно поднесе кандидатура до ДИК како независен кандидат, но ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција го најави како партиски кандидат, што ги збуни жителите на Могила.
Поддршката за Пивковски од највисокото раководство на ВМРО-ДПМЕН, го подели членството во Могила. Дел од нив, незадовлни што партијата одлучи да застане позади кандидатурата на Пивковски, во првиот круг на овие избори, дадоа поддршка на Зоранчо Сакурмовски од Народно движење за Македонија кој освои 872 гласа, а во вториот круг влегоа Пивковски со 1415 гласа и Јасмина Гулевска од СДСМ со 1313 гласа.
Во советот СДСМ има 4 советници, ВМРО-ДПМНЕ 3, Народно движење за Македонија 1, а два мандите освоија од граѓанската иницијатива на Николче Српчански и независниот советник Борче Бучински.