АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Директорот на ЈКП Водовод, Горан Козаров денеска побара извинување и повлекување на вчерашната изјава на командирот на Противпожаната единица во Битола, Константин Поповски, во спротивно претпријатието ќе поднесе тужба. Првиот човек на битолските пожарникари вчера при големиот пожар во Старата битолската чаршија обвини дека хидрантската мрежа не функционира целосно.
-Доколку Поповски во рок од 24 часа не ја повлече дадената изјава и не се извини лично и на писмено ЈКП Водовод Битола ќе поднесе соодветна постапка согласно законските правила и прописи, рече денеска Козаров на прес конференција.
Екипите на ППЕ на Битола се бореа со огнената стихија повеќе од три часа, командирот Поповски даде изјава дека хидрантската мрежа во тој дел каде што бил пожарот не е во функција, па Козаров со екипа од Водовод синоќа пред полицијата и медиумите покажаа дека хидрантите се во функција.
-ЈКП Водовод Битола како општествено одговорно претпријатие кое работи во интерес на граѓаните излезе на терен веднаш по дадената изјава и констатира спротивно од тоа што го кажува командирот. Веднаш беше повикана полиција тоа да го констатира на службен записник , а беа повикани и новинарите да се уверат на лице место дека хидрантската мрежа е во функција, рече Козаров.
За Козаров е симптоматично зошто додека траел пожарот не е повикано ЈКП Воодвод и не е побарана помош во врска со како што вели наводното не функционирање на хидрантската мрежа.
Козаров уште еднаш нагласува дека во близина на опожарените дуќани има два хидрантни кои се во функција.
-ЈКП Водовод на 26 06 годинава со број 08 -544 испрати скици со сите позиции на хидранти на територијата на Општина Битола до Противпожарната единица -Битола дека хидрантската мрежа е ажурирана и е во функција, рече Козаров напоменувајќи дека општината има 700 хидранти по сите европски стандарди на растојание од 150 до 200 метри, наведува Козаров .