Пелистерскиот блок се издига со брзина од 4 до 6 милиметри годишно

Ноември 09, 2019

За Солуна, За Стамбола Неа Не Давам... (Неделна Рубрика)

 

Честите потреси што битолчани ги чувствуваат во последно време се предизвикани од земјотреси во Албанија, но сакале ние или не, го отвораат прашањето за сеизмичноста на битолското подрачје. За тоа опсежно пишува докторот по географски науки Никола Димитров во книгата „Битола- урбано –географски развој“ од 1998 година, а изложена деновиве во рамки на изложбата „Книги: историја, иднина“ на Македонското научно друштво- Битола.

Според оваа книга, Пелистерскиот блок е под постојано издигање со брзина од околу 4 до 6 милиметри годишно, што претставува висок степен на интензивни тектонски движења.

„Поради поинтензивното издигање на Пелистерскиот блок над останатите блокови, Пелистерскиот расед има активност со висок интензитет. Од извршените истражувања и направените пресметки произлегува дека раседната рамнина за битолскиот земјотрес од 1.9.1994 год. може да се придружи само на Пелистерскиот расед, со што, се заклучува дека битолскиот земјотрес настанал поради активирање на Пелистерскиот расед“, пишува во книгата.

Оваа раседната зона започнува на запад од Преспанската депресија и се движи во источен правец покрај селата Кажани, Цапари, Ротино, до селото Трново. Од овде раседот скршнува кон југоисток и продолжува кон селата Брусник, Лавци и Буково, до селото Крстоар, односно до месноста наречена „Кисела вода“. Потоа раседот скршнува на југ, се движи покрај источниот раб на Баба Планина до грчката граница.

Во трудот, понатаму пушува дека Битолското подрачје се наоѓа во југоисточниот дел на Западно-македонската сеизмичка зона. Ова подрачје го сочинуваат блоковите: Плакенски, Пелистерки и Семнички, со депресиите: Преспанската, од запад и Пелагониската, од исток. Границите помеѓу овие морфоструктури претставуваат раседи на кои се среќаваат земјотресите.

Во последните 90 години во битолското подрачје се случени три посилни земјотреси (1920, 1958 и 1994 год.) со интензитет од VII до VIII степени според  MCS скала, со магнитуда од М = 5,3 - 5,4 по Рихтер. Се смета дека сите три земјотреси се поврзани со активирање на Пелистерскиот расед, така што, за очекување е и во иднина овој расед да генерира нови земјотреси.

Во трудот „Профил на Општина Битола“, чиј автор е исто така Димитров пишува дека во врска со сеизмичноста на битолското подрачје се направени студиски елаборати, но, без толку потребниот завршен дел наречен „детално сеизмичко реонирање на општинско и сеизмичко микрореонирање на градското подрачје“.

Подготви редакција Апла 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани