АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По 45 години, вчера во градинката „Пролет“ пристигна нов мебел. Со него заменет е оној кој бил поставен уште во 1974 година кога била отворена градинката. Минатата недела комплетно беше опремена и градинката „Снегулка“, исто една од најстарите која користеше мебел од отворањето, што би се рекло во распаѓање зашто времето си го стори своето.
Градинките сега се подновени со нови гардеробери, масички, столчиња, креветчиња и клупи. Мебелот во двете градинки е набавен со сопствени средства на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“ во износ од околу 1,6 милиони денари.
„До крајот на месецот ќе пристигнат и нови теписи за сите девет градинки. Желба ми е сите градинки што се под моја надлежност да добијат нов лик, слично на новите занимални кои ги отворивме пред еден месец. Целокупниот мебел скоро во сите објекти е во очајна состојба и треба да се промени. Среќна сум бидејќи почнавме од некаде, сѐ со цел подобрување на условите за згрижување на најмладите и најмили, да имаме исто така задоволни родители и вработени. Опремувањето на градинките ‘Пролет’ и ‘Снегулка’ ми се мотив за подобрување на условите во градинките, а тоа го правиме со многу желба, ентузијазам, професионалност и посветеност“, вели директорката на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара’’, Лидија Тфирст Митревска.
Исто така набавен е и нов мебел за правната служба, книговодството и логопедот, бидејќи како што велат во градинките, условите во кои работеле беа очајни, со мебел стар колку и занималните 45 години.
Ж. Здравковска
Новиот мебел вo „Пролет“
Нов мебел во „Снегулка“
Како беше претходно