АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола, поддржано од Цивика Мобилитас, во рамките на проектот „Сликај, постирај, алармирај“ изработи предлог мерки за намалување на аерозагадувањето во градот и ги поднесе до општина Битола.
Ø Пошумување со иглолисна шума на Снеговско-облаковскиот масив (над обиколницата) изгорена во шумскиот пожар од 2007 год., просторот на падините под манастирот Св.Атанас над Стрчин и голините над Лавчанска населба. Простор од 18 km2
Ø Создавање на зелени коридори-дрвореди од иглолисни дрвја од запад кон исток за внесување на свеж воздух во градот од Пелистер (во должина од околу 5 km), како и два појаси како тампон зона меѓу индустриската зона и јагленокопот на РЕК Битола од една страна и град Битола од друга (во должина од околу 12 km)
Ø Изградба на зелена ограда, односно оградување на коритото на река Драгор од Црн мост до пресекот со железничката пруга со ниска ограда и засадување на зимзелени лилјани (вкупна должина околу 4 km). Истото може да се стори на сите мостови на река Драгор и постоечките огради на јавните институции, особено училиштата и детските градинки (вкупна должина околу 4,2 km)
Ø Изградба на втор градски парк на површина од околу 11 ha, во делот над населба РЕМО. Паркот е од витално значење за граѓаните кои живеат во Нова Битола, бидејќи не постои поголема зелена област во овој дел на градот
Ø Изградба на неколку локални паркови на вкупна површина од околу 30 ha на девет локации низ градот
Ø Поставување на дрвореди на паркинзите, кои во најголем дел се без ниту едно дрво. Идентификувани се вкупно 9 потенцијални паркинзи низ градот
Ø Изградба на велосипедски патеки низ градските улици. Во прва фаза покрај главните улици (во должина од 10,4 km), а во втора фаза (во должина од 8,4 km)
Ø Основање на 6 велосипедски пунктови за изнајмување на велосипеди на следниве локации: Горно Веро, Болница, Јавор, Дом на културата, Стрелиште и Буковска населба (види карта). Поттикнување на граѓаните за користење на велосипедите, со тоа што првите 30 min ќе бидат бесплатни.
Ø Прогласување на улици за пешачки зони, како: улицата Булевар 1-ви Мај, на потегот од дрвеното мовче до Мојсов мост и улица Никола Тесла, на потегот од река Драгор до Гроздот, во вкупна должина од 900 m
До конечното гасифицирање на градот, како трајна мерка за решавање на аерозагадувањето во град Битола, а како резултат на огромното загадување од страна на домаќинствата и институциите во текот на грејната сезона, се предлагаат следниве мерки:
Ø Инсталација на водени филтри на котлите на мазут на сите институции во градот и сите домаќинства кои користат котли на огревно дрво или јаглен со парно системи над 20 kw моќност.
Ø Субвенционирање на печки со пелети – кои ослободуваат неколку пати памалку суспендирани честички поради повисокиот степен на согорување (Friederike Fachinger and all, 2017).
Ø Достава на исклучиво сертифицирано огревно дрво со низок процент на влага, најдоцна до крајот на месец август во тековната година; Сертифицираното огревно дрво загадува трипати помалку од останатото дрво
Ø Субвенционирање на социјално загрозените домаќинства со сертифицирано огревно дрво на принцип 50-50% - околу 900 домаќинства, извор: Државен завод за статистика. (Вкупно предвидени средства околу 100.000 евра);
Ø Како контаминирано подрачје од загадувањето на РЕК-Битола, да се достави барање за субвенционирана струја за сите граѓани на општина Битола по моделот 20% намалување на сметките до износ од 5000 денари месечно. По груба пресметка, според бројот на домаќинства од Државниот завод за статистика, на годишно ниво би биле потребни меѓу 3 и 4 милиони евра.
Ø Постојани контроли и вонредни мерења на емисиите на штетни гасови на индустриските капацитети со и без Б интегрирана еколошка дозвола, особено во зимските месеци од годината;
Ø Дислокација на индустриските објекти од станбените зони;
Ø Промена на огништата кај пекарите на леб од дрво во електрична енергија, поставување на водени филтри на оџаците или нивна дислокација надвор од станбените зони (минимум 200 m, според правилникот за одредување на зони за санитарна заштита);
Ø Прописно одлагање на пепелта во РЕК по сите светски стандарди;
Ø Подобрување на капацитетот на електростатичките филтри поради високите концентрации на суспендирани честички од нецелосното согорување на
нискокалоричниот лигнит;
Ø Започнување со проектот за десулфуризација;
Ø Набавка на соодветни филтри за абсорпција на тешки метали, бидејќи според извршените мерења од 2011 год. РЕК-Битола има најголеми годишни емисии на тешки
метали од сите капацитети во Македонија.
Ø Набавка на околу 900 прочистувачи на воздухот за затворени простории за сите детски градинки, училишта, домови за стари лица и здравствени установи во општина Битола;
Ø Вкупна цена околу 130.000 евра.
Ø Субвенционирање на ДПФ филтри за автобусите од градскиот превоз додека да се набават нови еколошки возила или барање на донација за набавка на катализатори од Џонсон Мети.
Ø Основање на Јавно претпријатие за градски сообраќај и воведување на поголем број на линии во градскиот сообраќај и почеста фреквенција;
Ø Во деновите со високи концентрации на ПМ честички да се воведе бесплатен јавен транспорт, но во комбинација со мерката ПАР-НЕПАР, за вистинско намалување на фреквенцијата во сообраќајот;
Ø Во соработка со централната власт, субвенционирање на замена за патнички возила од бензински во плински уред по модел 50-50%;
Ø Бидејќи за општина Битола е надлежен само еден овластен инспектор, потребно е вработување на барем уште еден овластен инспектор за животна средина;
Ø Во соработка со инспекторатот да се поттикнат измени и дополнувања во законите за животна средина за поефикасно делување на инспекторатот;
Ø Овластениот инспектор да доставува месечни извештаи за своите активности пред јавноста преку веб страницата на општина Битола;
Ø Општина Битола да овозможи полесно пријавување на загадувачи на животната средина преку соодветен портал или веб страница.
На посочениот линк можете да ја разгледате интерактивната карта со предлог мерките за намалување на арозагадувањето во град Битола.
https://drive.google.com/open?id=1qniAg6xn2BDIH93o3dQxSGjW9wY&usp=sharing
„Геосфера“ информира дека од почетокот на ноември ги реализираше и следните активности:
-Минатиот месец РГД „Геосфера“-Битола потпиша меморандум за соработка со општина Битола, со што се интензивира соработката со инспекторатот за животна средина во делот на побрзо идентификување на аерозагадувачите во градот и поефикасно делување на овластениот инспектор при надзор на терен. Нашите предлог мерки се продолжение на борбата на голем број граѓански здруженија, како здружението „За нас се работи“, кои се пионери во овие акции. Предложените мерките за намалување на аерозагадувањето во град Битола од РГД „Геосфера“-Битола се резултат на долготрајно истражување и адаптација на географскиот простор во кој живееме и за нив е изработена интерактивна карта. Решавањето на овој долгогодишен проблем е од витално значење за сите нас и тој не може да се реши преку ноќ. Потребна е голема воља од надлежните институции и сите граѓани на Битола за зацртување на правецот по кој ќе се движиме за конечно Битола да дише чист воздух, посочува Мите Ристов од Геосфера