АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Несовесен возач денес ја оштетил дезинфекционата рампа што градските власти ја поставија на влезот на Битола од страната на Прилеп.
Од Општина Битола соопштија дека јавните претпријатија веднаш ја санирале и рампата пак е ставена во функција и врши дезинфекција на возилата.
Општината случајот го пријавила во СВР Битола од каде очекуваат да се открие сторителот кој со возилото ја оштетил рампата и побегнал.
На социјалните мрежи се појави фотографија од демолираната рампа и возило управувано од лице кое е само во автомобилот, а носи маска.
Наместо осуда, дел од битолчани не можат да се донасмеат на социјалните мрежи. Пишуваат: ,,Го откорнаа вратилото нема теписони каде да тресам". Или ,,Важно маска во колата носи, а сам е - немом појќе" и става знаци за смеење. Се поставува и прашањето, доколку ова е лицето што демолирало, како некој друг знаел што ќе се случи, па застанал токму во критичниот момент да фотографира?
Градоначалничката Наташа Петровска на својот фб профил напиша дека рампата била направена по сите стандарди и порача да не се уништува она што е направено за доброто на сите.
,, Веднаш беше санирана. Се надевам дека по доставената пријава полицијата ќе го расветли случајот, како и што се надевам дека она што е направено за доброто на сите ќе го чуваме сите заради нас. Не заради поединец. Она за што длабоко жалам, е што дури и во овие денови кога многумина имаа можност да ја преслушаат сопствената совест, некои не успеаа да станат подобри. Како и да е, се сеќаваме сите на дрвцата кои беа крадени?! Денес се крадат утре се садат нови, пак се крадат, пак се садат нови,... белки сите заедно еден ден ќе станеме подобри", напиша Петровска.
Ж.З.