АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Нема отстапување од она за што се залагав како советник, а ми останува предизвик во мојот градоначалнички мандар, рече градоначалничката Наташа Петровска во своето обраќање пред советниците по повод носењето на буџетот за 2018 година. Таа нагласи дека останува посветена на битката за чист воздух, но преку преземање на долгорочни мерки како што е гасификацијата, а не преку краткорочни кои нема суштински да ја изменат ситуацијата со загадениот воздух.
Таа додаде дека се соочуваат со ограничкувачки фактори кои влијаат врз буџетот и искористувањето на средствата од него бидејќи како приоритети за наплата им се наметнуваат обврски наследени од претходната власт. Така, треба да го исплатат договорот што го потпишал Талески за изградба на северната трибина од стадионот тежок 80 милиони денари.
„Тоа бил приоритет што јас како сегашен градоначалник и поранешен советник, не сум го избрала. Дали би дала приоритет на решавање на тој проблем ( аерозагадувањето) кога денес се соочувам со 80 милиони денари по склучен договор, одговорот е дека не би дала поддршка тие 80 милиони денари да бидат така затворени. Ги гледам ставките што се трошат по другите општини кои се наменети за екологија, тоа се суми далеку помали од оние 80 милиони денари со кои ни сме заробени“, рече градоначалничката Наташа Петровска на денешната седница на Совет на која се носеше буџетот.
Воедно, Општината има наследен долг околу 13 милиони евра и секојдневно се соочува со нови тужби. Над сето ова, отпочнува и отплатата на кредитот што претходната општинска власт го зеде за изградба на улици во касарната откако парите од комуналиите беа потрошени за инфраструктура во индустриската зона „Жабени“. За враќање на основицата треба да се платат 7,7 милиони денари и 1,5 милион денари за камати. И покрај ваквите финансиски оптоварувања, Општината за идната година ќе издвои 15 милиони денари за отпочнување на гасификацијата, проект кој ќе даде долгорочни мерки во намалување на загадениот воздух.
„Не сакам и понатаму да се продолжи со политички игранки, како што се предлог на краткорочни мерки кои апсолутно не го решаваат суштински проблемот со загадувањето. Општина Битола е првата општина освен онаа која е веќе гасифицирана, која од буџетот предвидува 15 милиони денари за проектот гасификација“, додаде градоначалничката.
Општината има само еден иснпектор за животна средина, па во соработка со здружението „Геосфера“ се откриле дел од стопанските субјекти кои загадувале. Така, на еден индустриски субјект му било дадено решение за набавка на филтер за оџакот, на две градилишта и уште една фирма му бил одземен отпадниот материјал што го гореле место дрва, а биле преземени и други мерки.
Воедно во тек е и санација на обиколницата со што ќе се растовари и сообраќајниот метеж низ градот.
„Конечно се работи на обиколницата и давање на можност за пренасочување на возилата, посебно на товарните кои сега се принудени да минуваат низ градот. Ќе беше многу подобро ако со тоа се започнеше многу порано. Но, за жал, се започна сега и според мене интервентно после толку кратко владеење на централно и локално ниво“, додаде Петровска.
Таа рече дека сообраќајниот режим е ужасен и во 2018 година за неа и општинските власти ќе биде предизвик неговото решавање. Во таа насока едно од нејзините први барања до Универзитетот било да се направи нова сообраќајна студија или да се осовемени постоечката.
По долго време во Советот буџет образложи лично првиот човек на Општината зашто претходниот градоначалник во последните години не се појавуваше на Совет.