АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Одлуката за прекинот на работниот однос на шесте медицински сестри не е моја, јас само ја спроведов правосилната одлука која беше извршна,а донесена од Апелациониот суд на Битола“, рече на денешната прес конференција диркеторката на Здравствениот дом од Битола, Весна Спиркоска. Со одлука на Апелациониот суд отказ од работа добија шест медицински сестри вработени на конкурс од пред две години, откако две други кандидатки тужеа. Апелациониот суд одлуката ја донесе во јуни годинава.
„ Таа пресуда е конечна и не амнестира никого, ни медицинската сестра која е бремена со патолошка бременост и која за жал, ќе го изгуби правото на породилно отсуство. Не можев да го пролонгирам ни времето на извршување на правосилната пресуда зошто тоа е кршење на закон без разлика дали се случува за време на пандемија кога недостатокот за медицински кадар е голем “, рече директорката Спиркоска.
Додаде дека морала да им даде отказни решенија спротивно на нејзината волја зашто не смеела да постапува спротивно од правосилната и извршна одлука на Апелациониот суд. Секоја отстапка би била кривично дело.
„Тие шест медицински сестри за времето на пандемијата дадоа голем придонес за работењето на Здравствениот дом. Со својата професионалност, работа во разни служби според вонредно поставените распореди во вонредна состојба. Тоа се случуваше кога голем број од вработените го користеа своето право за ослободување по основ на хронични болести и на боледување. Не успеаја да го искористат и правото на годишен одмор зашто во тој временски период здравствените работници не користеа одмори поради состојбата со ковид 19“, рече Спиркоска.
Сега останува да се почека ревизијата на Врховниот суд за случајот, а Здравствениот дом веќе бара согласност за вработување на 12 медицински сестри поради недостиг на медицински кадар.
Инаку, кокурсот беше објавен на пред две години, а на него за девет медицински сестри конкурираа 62 кандидати. Беше изготвена ранг листа и спроведено интервју, по што беше донесена одлука за избор на кадарот. Но, две медицински сестри тужеа зашто на работа влегоа кандидатки кои во рангирањето имаа освоено помалку бодови од нив . Судот одлучи дека не биле избрани најкомпетентните.
Години назад по институциите се случуваше да влегуваат и кандидати со помалку поени, зашто со законот е оставено и дискреционото право на комисијата или директорот врз основа на интервјуто да го избери кадарот со кој ќе работи.