2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

ПРВИОТ НАСТАВЕН ЧАС НА СОВРЕМЕН МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ СЕ ОДРЖАЛ ВО БИТОЛА

Февруари 07, 2018

На 6 февруари 1945 година во битолската Гимназија, за прв пат во едно македонското средно училиште се одржа наставен час на современ македонски јазик. Овој датум е неизбришлив и длабоко врежан во поновата историја на македонскиот народ. Од наредниот ден, на македонски, почна да се предава и во другите тогашни средни училишта.

 

Битолската гимназија во овие 73 години ги менувала имињата, па така во периодот од 1945 до 1952 година се викала Гоце Делчев, во периодот на Нижата Гимназија која работела само една учебна година 1951-1952  и се викала Никола Карев, а од 1952 година и денес го носи името на  Јосип Броз-Тито. Без разлика на временските периоди, во градот под Пелистер, најпозната е по името Горната Гимназија.Според битолчани тоа е така затоа што во другиот дел на градот средното стручно училиште „Таки Даскало“ често се именува како Долната Гимназија.

6 февруари 1945 – првиот учебен ден на македонски јазикFoto 2 plocha

Во документацијата на гимназијата грижливо се чуваат податоците за се што се случувало на историскиот ден. Во тефтерите и публикувани монографии е забележано дека мобилизацијата на просветните работници почнала веднаш по донесените одлуки од страна на Поверенството на АСНОМ на седницата од 2 септември 1944 кога биле посочени јасни упатства од областа на просветата.

Почнаа подготовките за отпочнување настава во сите училишта на ослободената територија, се посочува во јубилејната монографија на Гимназијата „Златен јубилеј“. Со посебно упатство беше укажана потребата за ослободување на сите училишни згради со цел да може да се изведува настава. Според истражените податоци, во месец ноември 1944 година, по ослободувањето на Битолската околија, во гимназиската зграда биле сместени единците на народно ослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. Во монографијата на Гимназијата понатаму пишува дека согласно одлуката на Поверенството за просвета, на почетокот од 1945 година единиците ја напуштиле зградата на гимназијата и веднаш почнала адаптацијата на училниците со клупи и училишен инвентар.

На првиот наставнички Совет со кој претседавал директорот Орде Печијаре биле донесени 6 одлуки, меѓу кои и одлуката, гимназијата свечено да биде отворена на 5 февруари, а на 6 февруари да се одржи првиот наставен час.

„Скромно украсената сала на гимназијата беше шумна. Се дигна завесата и молк. На бината се појави првиот директор на Гимназијата, Орде Печијаре. Тој објави дека Гимназијата започнува со редовна настава на македонски јазик. Одекна силен аплауз. Потоа претставниците на народната власт ги поздравија присутните и зборуваа за значењето,задачите и улогата на Гимназијата во ослободената татковина. Членовите на штотуку формираниот градски театар заедно со културно уметничка група при гарнизонот изведоа пригодна програма. Тогаш за прв пат стиховите на Константин Миладинов „Т’га за југ“, „Бисера“, „Голапче“ и други, како и стиховите на Кочо Рацин и убавиот мелос на македонските народни песни, ги растреперија срцата на присутните“, се нагласува во јубилејна монографија на Гимназијата.

Редовната настава ја следеле 572 ученици во 13 мешани паралелки, а првата учебна година завршила на 20 јуни 1945 година.

Историјат на зградата на Гимназијата

Битолската Гимназија „Јосип Броз-Тито“, денес како средно општинско училиште е во објект со голема историска и архитектонска вредност, заштитен споменик на културата. Изградена е во 1882 година како приватна куќа на Сали Паша, кој подоцна за 620 турски лири ја продал, а потоа со решение на Фахми Паша, зградата е преадаптирана во училиште за што според документацијата биле потрошени дополнителни 600 турски лири. Наставата во ново уредената зграда почнала во 1892 година како Турско Идадие или средно училиште, а потоа низ бурни историски времиња успеава да одолее на „сите странски и политички ветришта“, и да остане објект на средно училиште.

Денес, секој ден, во холот на гимназијата со гордост на мермерна плоча изложени се ликовите и имињата на пет народни херои, средношколци кои учеле во гимназијата, а тоа се Стеван Наумов-Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Кузман Јосифовски-Питу и Елпида Караманди.

Учениците и наставниот кадар од секоја генерација со задоволство истакнуваат дека дел од нивната генерација биле ученици, а во животот станале академици, тогашните средношколци Петре М. Андреевски, Томе Бошевски, Кирил Миљовски, Фанула Папазоглу, Коле Чашуле, Владо Камбовски, Љубен Лапе, Ѓорги Филиповски, Анте Поповски, Ѓорѓи Чупона, Михаил Петрушевски, Петар Серафимов, Ристо Лозановски, Живко Попов, Димче Коцо, Александар Христов, Георги Константиновски и писателот Владимир Костов, кој неодамна беше избран за почесен член на МАНУ.Foto 5 MANU

Гимназијалците денес...

Негувајќи ја традицијата, денешната генерација гимназијалци се истакнува и со ангажманот во Активот по македонски јазик, редовно го одбележуваат историскиот 6 февруари 1945-та,  на 21 февруари ќе го одбележат Светскиот ден на мајчиниот јазик, не ги пропуштаат републичките натпревари за класични јазици каде често се наградувани,  организираат средби со писатели, публицисти и поети, а не ретко дебатираат за јазикот во печатените и електронските медиуми. Гимназијалците учествуваа во светската кампања “The Hour Of Code”, глобално движење кои им помогна на десетици милиони ученици во повеќе од 180 држави во светот да научат програмирање на повеќе од 40 јазици, а како и секој февруари, така годинава со поддршка на Европската Комисија ќе го организираат едукативниот настан за деца и млади „Ден на побезбеден Интернет“. Меѓународната соработка со врсниците овозможува и тие да го познаваат македонскиот јазик, велат средношколците од Горната Гимназија во Битола.

 

Марјан Танушевски, новинар-уредник МИА

(преземено од МИА)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани