АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Афоризми
Доста се правевте позитивни, оставете го народот да здивни.
На било кои избори еден за да добие друг треба да изгори.
Стандардот ни остана мал. зашто го оставивме да расте во кал.
„Бели Мисли и размисли (афоризми)“, Битола, 2000 година.
Хумореска
ЦИЦАЧ
Кога им даде Господ малечко на комшиите, на вееелбата и немаше крај. А баш им се погодн едно бебе црвено во обравчињата, цело бумбарче. Што се вели сосе лајна да го изедиш. Четири кила без сто и педесет грама имаше на првото мерење, а за еден месец кладе уште едно кило п триесет грама. Цел ден да го оставеше само ќе цицаше, и кога ќе спиеше, и откако ќе се разбудеше. Го лажеа и со лажачка цуцла, му ја макаа и во мед, ама не се лажи. Ја исуши мајка му од цицање. Таа слабевеше, тој се дебелееше, побргу од сите бебиња растеше. Стигна за на училиште и уште цицаше. Жив срам, никако да го одвикнат. Во колоната по физичко најнапред се редеше, а во училницата во последна клупа седеше. Децата му се смееја дека цуцлата во чантата си ја носеше, ама тој ич не му се секираше.
Помина некое време, не знам ни во кое средно учеше, ни потоа што работеше, ама знам дека се зафати со некаков приватен бизнис. Работата му одеше. Ама тешко на вработените со него. Душата им ја вадеше. Како напреден бизнисмен, блиски од неговата партија, за генерален во една фабрика го наместија. Седна во фотелја, ама навикнат уште од бебе на цицање, почна прво да им ја цица крвта на работниците. Ги исцица потоа и фондовите, а за неполни четири години ја исцица целата фабрика. Фабрнката отиде под стечај, сите работници станаа социјалци, а тој Цицачот, како што го завикаа, не бил крив за состојбите. Крива била транзицијата, опозицијата, крива била кривата кула во Пиза.
Како многу способен и еден од најголемите спонзори на партиските кампањи, го ставија Цицачот меѓу првите на пропорционалната листа, оти кој будала инаку би гласал за него. И така си стана и пратеник. Ама цицач си е цицач. Волкот влакното си го менува, но навиките, што велат, не си ги менува. Почна и парламентот да го цица. Оди земи патни-дневни и замини си. Член на управен одбор ваму, член таму, сам не знаеше од каде толку пари почнаа да му идат. Почнаа да го канат и на разни свечености, да сече црвени ленти, да пушта веќе пуштени патишта и амбуланти, го сликаа со лопати со панделки, за весници, телевизии. Вчера на оваа репрезентација, денес на друга гозба, а тој ненаситен, јаде, пие, цица ли цица. Се стори сто и триесет или четириесет кила. Нозете почнаа да не го крепат. Ене го сега ни мрда ни клоца, а како што имаше почнато и продолжено и целата држава ќе ни ја исцицаше.
„Оаза на плачот (хуморески)“, Битола, 2002 година.
(Панде Петровски)
Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.
Подготвил: А Литовски