2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

ШТРАЈК-хумореска на Панде Петровски

Февруари 23, 2023

Афоризми

„Едни се маскираат вака, други така, а политичарите со стискање рака.“

„Престанаа да ги почитуваат, кога видоа дека само им ветуваат.“

„Што оти имаме експерти разни, кога фабриките пак ни осатанаа празни.“

„Бели Мисли и размисли (афоризми)“, Битола, 2000 година.

Хумореска

ШТРАЈК

Секогаш кога ќе имаше потреба од некое синдикално прашање, обично се поставуваше на крајот кога ќе се исцрпеше дневниот ред на наставничкиот совет. Ке станеше синдикалецот, како што го викавме претседателот и ќе ни кажеше дека има едно прашање по синдикална линија. Барем да беа тоа некои салам линии. Повеќето од нив беа обични црти, од оние за прецртување. А какви конференции порано се држеле, по не знам колку точки и запирки на дневниот ред. Дискусиите бескрајни, а сепак плодни, цела тетратка со тесни и широки записничарот да изнапиши.

Затоа пред некој ден кога ни беше соопштено дека ќе имаме синдикална конференција, колку што се изненадивме толку и се израдувавме. Ќе си се потсетиме на старите времиња кога си имавме синдикат и со кикири што не снабдуваше за поевтина цена и на рати.

На конференцијата кој дојде, кој не дојде, оти не е ни задолжителна, а не се бараше ни кворум. Не носевме некоја одлука. Одлуката си беше претходно веќе донесена од повисоките органи. Затоа претседателката што ја избравме оломлани и тоа по вторпат, колку да се види дека и ние ги почитуваме женските права за рамноправност, ја започна конференцијата запознавајќи нè дека и ние ќе треба да се вклучиме во утрешниот предупредувачки генерален штрајк како израз на незадоволството од економско-социјалната состојба. Ни ги прочита и барањата веќе изготвени од Советот на Сојузот. Убави, сеопфатни, ама некако многу општи. Нема никаде на пример дека бараме платите во рок од девет дена да ни се зголемат за точно деведесет и девет насто. Или како втор пример дека во рок од тринаесет дена да ни се даде и тринаесетта плата и така навака.

Како и да е, за да не и скршиме атер на синдикалката, решивме да си ја поддржиме. Се собравме утредента на двочасовен штрајк во канцеларијата. Ја затворивме главната врата за да не ни влезе некој новинар изненадно како што обично и прават, па да нè сними за некоја телевизија така седнати и оптегнати. А имаше и што да се сними и види. Едни штрајкуваат, други само со шахот штракаат. Служителката едното ѓезве испразни го, другото наполни го. Толку кафиња колку што испивме за два часа, немаме испиено за цели две недели.

– Море требаше со глад да штрајкуваме, вели една колешка која во весииците ги чита само рецептите за диета. Таа и за големиот одмор јаде само ѓеврек. Убедена е дека е најдиетална храна, а особено ако му се јаде само средината, да не речам дупката.

Ако штрајкувавме со глад, си се мислам, тоа немаше да биде никаков штрајк. Ние сме стално гладни или барем полугладни. Арно ни дадоа социјални пакети. Толку кашкавал и салами со уште непоминат рок којзнае од кога дома не сме однесле.

Седиме така во канцеларијата. Едни пушат, други се гушат. Од чадот на едни им се плаче, на други од седење им се смачи. Мене не знам дали притисокот ми падна или ми се качи, штом почна вратот да ме стега. Некој веќе гледам се спрема да бега.

Штрајкувачи ли сме или кљакачи, си велам. И за ваква работа или подобро речено неработа гледам не нè бидува, а не ми изгледа баш лошо да си седиш, ништо да не работиш, а повисока плата да си чекаш. Што би било убаво, си велам, не по два часа туку по цели денови да штрајкуваме. Море, со недели и месеци, се додека не ни се исполнат нашите барања за прием во Европа, или додека не ни го избришат и она БЈРМ во Обединетите нации.

 

Панде Петровски фото 1

Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.

 

по избор на Александар Литовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани