АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Афоризми
„Тешко на државата во која има повеќе банди од колку бандери.“
„Не е важно каде се пука, ние пукнуваме од страв.“
„На некои улици им го менуваат името, заради презимето.“
„Бели Мисли и размисли (афоризми)“, Битола, 2000 година.
Хумореска
ГЛУВОНЕМ
Не знам кога и од каде беше дојден во нашата месна заедница, но сите го познававме човекот. Обично отпоздравуваше само со насмевка и со дискретно поклонување на главата. Секогаш беше молчелив. Или е многу скромен и срамежлив, или можеби си има некоја мака, си мислевме. Никогаш со никој не се имаше расправано. Прв со мантил заодуваше, кога беше облачно без чадор никаде не одеше. Тоа по малку некои како, да ги нервираше, па во шега го нарекоа Инженерот, оти од сабајле до вечер улиците ги мерел. А кој знае, можеби некогаш и навистина бил инженер штом беше толку културен. Но, она што беше сигурно е што знаевме дека тој сепак беше пензионер.
Шетајќи се така колку да му врви времето, кај ќе видеше дека се собираат луѓе и тој таму ќе одеше. Ке се отвораше некоја изложба во Уметничката галерија, тој таму ќе си се нацрташе. Ке имаше некоја промоција во Домот на културата, пак тој во првиот или вториот ред. Седи, со невидено внимание се следи, а почнавме и ние се почесто да го гледаме на снимките на локалната телевизија кога ќе известуваа за тие манифестации. Стана човекот уште попозната фаца. Луѓето, од месната особено, уште повеќе почнаа да го ценат. Му скокна и популарноста.
Кога дојде времето за парламентарните избори, оти локалните ги пропуштивме заради немање солидни кандидати, се собравме во партискиот штаб да се договориме кого да го кандидираме. Овој ваков, оној таков или никаков, за чудо вистински кандидат со кој ќе ги победиме противниците, не можеме да најдеме. Му текна едно време, во пет до дванаесет што би се рекло, на еден од нашите и го предложи Инженерот. Тој не беше во нашата партија, ама не беше ни во друга, а ако треба одма и ќе го зачлениме, книшки барем колку сакаш имаме, во себе си велиме.
Формиравме нов изборен штаб оти стариот на минатите избори ценевме дека не си ја сврши најдобро работата. Го сликавме нашиот кандидат Инженерот, го излепивме по сите ѕидови, излози и бандери. Насмеан на тие плакатите во боја, да ти е милина да го гледаш и да читаш дека се вика Трпе Трајчевски.
Дојде гласањето, колку ние од Штабот што му помогнавме со широка агитација и популаризација меѓу месното население, уште толку, а можеби и уште повеќе самиот противкандидат на нашиот Трпе му помогна. Тој беше еден трчајлажи, ако не потрошеше толку пари, закани и ветувања ни кандидат не ќе можеше да стане, а не пак пратеник.
Доби нашиот кандидат и си седна во Собранието. Кревај рака, земај плата. За четири години, не четири пати, туку ни еднаш на говорница не излезе. Ни еден збор никогаш не кажа. Го оправдуваа некои избирачи оти имало и други пратеници никогаш што не дискутирале, а и подобро било така отколку да изигруваат циркузанти на говорница. На народот му се плаче, а тие го смејат.
Како и да е, седиме ние во Штабот, се думаме, се прашуваме, како можевме толку да заслепиме, та да не видиме дека човекот, односно Инженерот си бил глувонем.
Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.
По избор на Александар Литовски