ДАЛИ РОДИТЕЛИТЕ ИМААТ РЕАЛЕН СТАВ КОН СВОИТЕ ДЕЦА?! (Пишува Марина Коруновска, професор и сопственик на школата „Коруновска music and singing“)

Мај 17, 2023

Пишува: Марина Коруновска, професор по соло пеење и сопственик на Школата  „Коруновска music and singing“

Ако многу често деновиве се зборува за изгубени вредности, лошо воспитување, лоша социјална средина, технолошки “бум”, кој ни прави БУМ во главата, доста е слушање критики, негативности и што фали. Ајде да се осврнеме на тоа што правиме и што можеме да направиме.
ДА ПЕЕМЕ!
За пеењето е пишувано и зборувано многу – позитивното влијание врз целокупното психофизичко здравје, предностите на хорското пеење, пеењето како професија или хоби и многу други констатации, сите во позитивен прилог. Еве дел од нив за тие што немаат многу читано или доживеано на оваа тема – пеењето влијае на: зголемување на самодовербата, јакнење на социјалните вештини – посебно кога музицираме во група, развивање на љубовта кон себе и хармонизирање на физичкото здравје, а и многу други моментални придобивки како добро расположение, чувство на исполнетост и задоволство, намалување на стресот, полесно справување со болка.
Денес и сега една малку поразлична перспектива – пеење во живо или пеење со снимен глас во студио. Разлики и аспекти. И пак, низ негативна призма, се побивам себеси по горекажаното, но ќе разберете зошто.
Сѐ почесто музичките фестивали и настани на кои сме сведоци ќе ги извадат пејачите дотерани, средени, ќе им ја пуштат музиката во позадина и тие „уживаат“ во своето изведување!? А, да! Така ќе можат и да танцуваат без да се задишат. Тешко е да пееш и танцуваш, истовремено, несомнено. И треба нешто да ни пренесат така, пеејќи “плејбек”!? Нам, нивната верна публика?
Ја забележувате иронијата во моите прашања, нели? Ако морам пеејќи да ја отворам само устата, да се фалам колку убаво пеам со снимен глас, се прашувам каков е ефектот и задоволството да се снима музика и да не морам истата во „живо“ да ја изведувам – да се задоволам со пеење плејбек.....Само момент – не зборувам за снимањето музика – сите уживаме кога дома или в кола ќе си пуштиме CD, односно сега, во поново време „стикче“ или директно од интернет, нашиот омилен изведувач, со омилените песни, снимени во студио. Прекрасен звук, глас, снимка, сѐ е совршено.
Но, ако си на концерт, фестивал, било какво случување од овој тип, дали би сакал да ја видиш вистинската емоција, енергија, глас на твојот идол или сакаш само совршен звук? Сировото, вистинското, од срце, како сака нека звучи - секогаш е подобро, барем за мене. Живите свирки, концерти беа мелем за душата кога бевме тинејџери, замислете дури и од аспект да сфатиш дека твојот омилен пејач пее „фалш“, понекогаш, или го заборава текстот од песната па ти се дереш да го покриеш, оти си верен “фан”, односно да сфатиш дека и „големите“ луѓе за нас се само луѓе. Никој не се обидуваше да го маскира тоа... Сирово, такво какво што е. Секоја почит за сите кои денес го прават истото. Ги има.
Но, да се вратам на фестивалчињата каде не само возрасни, туку и деца „пеат“, а всушност, не пеат. Снимиле, средиле сѐ, и ете ги „совршени“ на бината, сцената, да ја „воодушеват“ публиката. За возрасните кои мислат дека нешто прават, пеат, остваруваат или „лечат“ комплекси, потиснати, оти како деца немале можност, ајде разбирам, сепак се возрасни. Но, дете кое треба да гради ВРЕДНОСТ, на вистински, убави, искрени нешта, да му правам забуни и илузии, убедувајќи го дека со тоа што дотеран излегол на сцена со снимен глас (ваков или таков, сеедно), го освоил светот – ајде родители мои, размислете!
Каков поглед кон светот му помагаме да изгради тоа дете? Површен, материјалистички, илузорен...
Пуштете го детето да пее, свири инструмент, да се дружи, ВИСТИНСКИ, верувајте, многу повеќе вреди, а и се „исплаќа“ од порачаните и скапо платени песни, награди, пофалби - само моето дете да биде популарно – сите да го видат, да му завидуваат. Хахахах...За што зборувавме? А, да, за вредности..... Размислете и одлучете сами.....
„Музиката не е само песна, музиката е допир“…….рекол некој кој ја „разбрал“ музиката. (Амит Калантри)
До следното пишување.....
Не срамете се од себе, пејте, викајте, а ако другите зборуваат, речете си – што им е друго работа?
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани