2win800x200

Битолчани сакаат да го паркираат автомобилот до масата во кафулето каде што седат

Септември 12, 2023

БИТОЛА – Општина Битола ова лето проширува и реконструира неколку паркинг простори во централното градско подрачје, но дефинитивно на градот му се потребни уште неколку стотици нови паркинг места. Според ЈП „Паркинзи“ градот има околу 800 обележани паркинг места и оваа бројка е далеку од реалната за да ги задоволи потребите на возачите, па се бара паркинг плус. 

Сообраќајниот хаос е неизбежна слика во Битола, особено во централното градско подрачје, каде постојано се бара слободно место да се остави автомобилот. Сликата со паркирањето е подраматична во уличките околу центарот на градот каде автомобилите ги „вјавнале“ тротоарите, па нема место да поминат пешаците, особено младите мајки со бебешки колички.

Нема достапен опис.

Така е во Битола со години наназад, а од Граѓанската иницијатива „Битола на точак“ критикуваат дека бројот на возила во градот достигна 30 илјади, што е за 10 илјади возила повеќе согласно последниот Генерален урбанистички план.

Нема достапен опис.

„Годинава во земјава влегле 5.845 нови патнички автомобили, што е најмногу во последните пет години! Не можете толку паркинзи ни да отворите ни да исцртате колку што имаме прилив на нови возила на годишно ниво. Во Битола последниве 3 години имаме 2.000 плус новорегистрирани возила! Според досегашнава стратегија треба да изградите многу катни гаражи, да проширите ленти и да ги затворите сите тротоари и зелени површини само со цел да собери повеќе возила на улиците“, критикува Виктор Илиев од Иницијативата „Битола на точак“ и апелира општината да го поттикне користењето на јавен превоз, возењето на велосипед и пешачењето.

Грото битолчани чии дневен ритуал е пиење на кафе на Широк Сокак имаат навика автомобилот  да го паркираат што е можно поблиску до кафетеријата. Па честа е сликата, да речеме, пред стаклената зграда „Белведере“ и кај кафетериите околу Офицерскиот дом колите да се паркираат на улицата наспроти или покрај кафетериите, наместо на најблискиот паркинг простор, па неретко се зафаќаат и пешачките зебри.  

„Ако се може оти да не, колата ќе си ја паркираат до кафулето најблиску што се може и ќе си пијат кафе на раат додека го гледаат автомобилот пред велелепниот Офицерски или Широк Сокак и вадат слики на Фејсбук“, реагираат граѓани на несовесното однесување на возачи иако во непосредна близина има поголеми паркинзи.

Директорот на ЈП „Паркинзи“ Зоран Михајловски вели дека Битола има потреба од нови паркинг места со оглед на бројот на возила во градот, како и уредување на паркинзите пред колективните згради.

Нема достапен опис.

„Динамиката на паркирање на непрописно паркирани возила потврдува дека паркинг местата со кои располага градот не ги задоволува потребите за паркирање на возачите. Ако се направи разлика меѓу комерцијални и резиденцијални паркинг простори , вторите се уредуваат на локации околу колективни згради, факт е дека покрај постојните паркинзи на градот му недостигаа нови комерцијалните паркинзи. Ги имаме неколку во централното градско подрачје, но не се доволни. Ситуацијата тешко се надминува пред се заради навиките на возачите. Ние стопанисуваме со пајак службата, но работиме по налог на сообраќајната полиција“, вели Михајловски.

Според бројките од Секторот за внатрешни работи во Битола од почетокот на годината досега во Битола, сообраќајната полиција со пајак службата интервенирале во 117 случаи, заради непрописно паркирање или по пријава на граѓани за попречување на движењето на сообраќајот по битолските сообраќајници“, потврди Сања Стаматова портпарол на СВР Битола.

Нема достапен опис.

Лани според јавно објавени податоци од ЈП „Паркинзи“ пајак службата во Битола подигнала 923 непрописно паркирани возила.  Најголем дел од нив, 911, биле подигнати поради непрописно паркирање на сообраќајница, а на зелена површина само 12.

Нема достапен опис.

Лето битолчани добија нов паркинг во центарот на градот во близина на Градскиот зелен пазар на улицата „Коца Василева“.

„На површина од 800 квадратни метри се уреди запуштениот простор, на кој се наоѓаа диви гаражи и депонии, сега се доби нов лик, со нови 34 паркинг места за автомобили“, промовираше градоначалникот Тони Коњановски.

Вкупната инвестиција на општина Битола, за овој проект изнесуваше над  4 милиони денари.

Нема достапен опис.

Спроти првиот натпревар од европската Лига на шампиони што е најавен за утре во Битола помеѓу ракометарите на Еурофарм Пелистер и Колштад од Норвешка заврши реконструкцијата и на големиот паркинг кај спортската сала „Боро Чурлевски“ пред Градското шеталиште во Битола. Уредувањето е на површина од 7 632 квадратни метри и вклучуваше реконструкција на атмосферска канализација, коловоз и електротехника и соодветно осветлување на просторот. За реализација на овој проект, локалната самоуправа од општинскиот буџет инвестира над 18 милиони денари.

Општина Битола деновиве, активно работи и на просторот зад зградата кај поранешниот ЈАТ што до лани беше паркинг за околните згради.

А.Блажевска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани