Webp.net gifmaker

Полупрофесионализација или целосна професионализација на советничката функција-(пишува Валентин Груевски)

Мај 07, 2020

ПОВЕЌЕ ДЕМОКРАТИЈА

Законот за локална самоуправа донесен пред петнаесетина година, со кој за прв пат во самостојна Македонија се децентрализираше власта си ја одигра својата улога. После изборите, на Македонија и е потребен нов закон, кој ќе ги следи модерните европски текови, закон кој ќе ги исправи недоследностите во постоечкиот закон, ќе донесе повеќе демократија и закон кој ќе овозможи напредок на локалната самоуправа.

Како човек кој е претседател на Советот на една од најголемите општини, и како учесник на неколку дебати кој ги организираше Министерството за локална самоуправа, на кои ги искажав своите ставови за тоа во кој правец би требало да се движи децентрализацијата, би сакал и овде пред јавноста да ги искажам своите ставови за еден процес, кој според мене е од суштинско значаен за понатамошниот напредок на државата.

ПОГОЛЕМА ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА

На локалните избори во 2009 година Либерално-демократската партија излезе со изборна програма под наслов ,,Силни општини, силна Македонија“. Во таа програма беа наведени визиите како треба да изгледа децентрализираната Македонија, колкав буџет треба да имаат општините, и како би изгледала децентрализиранат власт. Се разбира, тоа беше далеку пред времето и не можеше да биде разбрана, но денес 11 години после тоа, таквите заложби стануваат реалност.

На следните локални избори, граѓаните мора да бираат на отворени листи. Тоа треба да биде пилот проект до воведувањето на една изборна единица на територијата на цела држава на следните парламентарни избори. Граѓаните мора да си го изберат својот претставник во локалниот совет, да гласаат за одредена личност од листата на некоја партија, а не за листата која однапред е подготвена. Со тоа ќе се добијат поодговорни претставници, демократијата ќе биде посилна, локалниот совет ќе биде поквалитетен (што во овој момент сериозно недостасува).

Иако постоеше скепса, како општините ќе се справат со зголемениот број надлежности  пред десетина години, се покажа дека се справуваат многу подобро од определено ,,централизирано“ министерство. Процесите мора да продолжат во овој правец и општините треба да ги добијат надлежностите во културата, треба да ги добијат надлежностите во земјоделието, мора да се овозможи формирање на комунална полиција која ќе се грижи за комуналниот ред, водењето на матичните книги, разните концесии на природни добра и сето тоа пропратено со повеќе пари во општинските буџети.

ПОВЕЌЕ БАЛАНС ВО ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ

Се разбира мора да се внимава и на  огромните  опасности кои можат да се јават од ваквата ,,голема“ власт. Не смееме да дозволиме она што ќе го децентрализираме од државата, да го централизираме на локално ниво. Не сме постигнале ништо ако целата власт која ќе ја одземеме од државата,  ја предадеме во рацете на еден човек, односно во рацете на градоначалникот. Не смееме да создадеме градоначалници- султани, шерифи, кметови , кој термин сакате употребете го, не затоа што градоначалниците се лоши или ќе бидат лоши, туку затоа што ќе имаат огромни буџети и огромни овластувања, а докажано е, многу власт и многу пари, повеќе можности за грешки.

Во новиот закон, мора да се зголеми контролната улога на Советот и начинот на контрола врз одлуките на градоначалникот. Како прво би било добро да се врати одредбата во која директорите на јавните претпријатија ќе се бираат на предлог на градоначалникот, а Советот да го има последниот збор. Таа одредба постоеше до 2005 година, а потоа со постоечкиот закон беше укината. Треба добро и да се размисли и да се примени можноста градоначалникот на избори да го претстави и тимот кој со себе ќе го донеси во општината, тим кој ќе си замине заедно со него со  напуштањето на функцијата. Многу повеќе демократија, затоа што граѓаните ќе знаат за кој ќе гласаат и кој би го водел градот во наредните години. Зошто не и петгодишен мандат?

Треба да се размислува можеби и за полупрофесионализација или целосна професионализација на советничката функција, а особено на функцијата на претседател на Советот,  поврзано со намалувањето на бројот на советниците во општинските совети. Би се добило повеќе квалитет, а тоа на секој еден  Советот во моментот му треба.    

Од демократија никогаш доста, а ако сакаме  напредок мораме малку похрабро и побрзо!

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани