2win800x200

Илјада зошто-Илјада затоа (пишува Валентин Груевски)

Мај 21, 2020

Пред триесетина година, како ученици во основно училиште, ни беше понудена да ја купуваме книгата „Илјада зошто, илјада затоа“. Во неа во интересна форма, со многу слики и на лесен достапен начин беа поставувани прашања за најразлични постоечки и видливи  работи и на истите беше одговорано на разбирлив јазик за учениците, книгата имаше интересен дизајн и се уште се наоѓа на многу домашни полици, во семејства во кои живеат моите врсници.

Денешните опозициски размислувања, ме потсетија на книгата, кога во недостаток на идеи и креативност главните прашања се сведуваат на тоа зошто се гради ова, зошто се почнува она, зошто уште не се завршило она и онде, односно прашањата се сведуваат на видливи и постоечки работи, што е многу добро за власта, а тоа е несвесно признание дека работите се градат и само прашање е фазата до која дошле и кога ќе се завршат.

ЗОШТО

Досега се промениле само толку и толку сијалици со ЛЕД светилки, зошто не е почнато со селата, зошто споро оди промената на старите сијалици. Притоа, се заборава дека досега се променети скоро 20% од 11.000 сијалици во градот, дека за година и пол ќе се променат сите сијалици и дека за тоа ќе се потрошат еден милион евра. Еден милион во замена со десетиците милиони за кои се имаше желба да се потрошат ако се реализираше желбата за јавно приватно партнерство  пред неколку години. Притоа мора да се потенцира дека милионот, сам ќе се спечали од заштедата која се постигнува од помалата потрошувачка на струја и од либерализацијата на пазарот на струја која долги години беше одолговлекувана.

Зошто Офицерски се уште не е завршен, кога ќе се уреди просторот околу него, споро се гради, што ќе има во него. Се радувам што не се прашува кога е аукцијата на која  ќе се продава, кога ќе се промени урбанистичкиот план, која ќе биди почетната цена за неговото продавање. Затоа што сега не се продава, сега се обновува, некој од некаде ,,најде“ еден милион евра, ќе се направи и просторот околу него, и да, нема да биди трговски, туку културен центар. И нема да биди приватен, туку битолски ќе биди. И на прашањето зошто Општинска установа за култура, одговорот е затоа што некој ќе треба да се грижи за Офицерски.

ЗАТОА

Што сме единствената општина која со сопствени пари гради стадион, кој ќе биди по најсовремени стандарди, на кој ќе има рефлектори и чија финансиска конструкција ќе чини 5 (и со букви пет) милиони евра, затоа што во дворот на ОУ „Даме Груев“ се гради затворен базен кој ќе биде готов до крајот на годината, затоа што се работи на адаптирана куглана во вредност од 250.000 евра, затоа што по ОУ „Кирил и Методиј“, следува ОУ 8„Тодор Ангелевски“, игралиштата во Буковски ливади, Тепсија и за некој ден и Ќумурното игралиште, а после салата во ОУ „Трифун Пановски“, „Боро Чурлевски“ многу брзо ќе дојде на ред.

Е морам да признам дека малку стивнаа прашањата околу обиколницата, или најголемата депонија во Битола, иако сите се сеќаваме на огромните оправдани критики за тој дел на градот. Нема прашања затоа што истата се реновираше, се реши свлечиштето, се исчисти а сега и се гради звучен ѕид кој ќе ја реши безбедноста и ќе го намали ѓубрето.

И училиштата се помалку и се помалку се тема откако се реновираше салата и тоалетите во ОУ „Елпида Караманди“, греењето во ОУ „Кирил и Методиј“, дограмата и салата во ОУ „Св. Климент Охридски“, дограмата во Кукуречани, на ред е покривот во Техничкото, училниците во ОУ „Гоце Делчев“, салата во ОУ „Трифун Пановски“, ОУ„Тодор Ангелевски“ ќе ги добие терените, училниците во Граешница, дограма, врати, фасада во Медицинско, а уште две училишта  наскоро ќе добијат големи еколошки проекти.

„Зошто“ ќе има и понатаму, ама првата буква ќе биде се помала, ама пак „Затоа“ ќе се пишува со се поголеми букви.

 

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани