АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Некои луѓе се иритираат кога ќе слушнат лаги, други се навредени, трети веднаш прекинуваат одредени односи, а четврти како да имаат завеса пред очите веруваат на се што ќе слушнат. Дали лагата има голема врска со нас или не, што таа значи и како влијае на нас? Постојат две врсти или видови лаги: првите се оние “не толку опасни”, а вторите се оние “разорно влијателни”. Овие два поими кои тука ги сретнувате се субјективни определби за визуелна претстава.
Имено по дефиниција лагата е исказ што не е вистинит или намерно искривување на вистината. Добро е да се знае дека и во двата видови лагата нема директна врска со соговорникот, таа има врска со оној кој ја кажува. Како? Така што лагата е само обид во кој тој што ја кажува сака да избегне нешто, да добие нешто или обид да се стави во позиција. Не толку опасните лаги се таканаречени бели лаги кои се кажуваат ради реда, како на пример дали ми стои добро фустанот или дали фризурата ми е добра??? Да, да одлично ти стои! (нема врска J) Сите знаеме дека изразот на лицето покажува потполна неусогласеност, но одиме понатаму. И, тие не се толку опасни затоа што пак немаат врска со Вас, туку со соговорникот на кој му е непријатно и од култура можеби кажува нешто што не мисли. Исто така ако не чувствувате припадност на групата, лагата често се користи како средство да се приближите кон членовите кои во неа припаѓаат, па за да припаѓате ќе излажете дека нешто што не ви се допаѓа - ви се допаѓа, а вам ви е средство да стигнете до целта. Има тука безброј варијации кажани од типот на тоа како ние преку нашите сетила го доживуваме светот, па понекогаш различната перцепција и нејзината вербализација за некого станува лага, затоа што не се вклопува во нечии модел на светот.
Вториот вид се лаги таканаречени разорни за себе, а тоа е лага која ја потврдувате како вистина. Само како пример - вистинска лага кога ќе го ,,фатите,, партнерот како ве изневерува на дело. И тоа е карикирам ситуација од која Вие навистина излегувате повредени, во која некој ве прави ,,будала,, и се распаѓаат темелите наречени доверба на некоја врска. Ок! Да резимираме,Вие таа вистинска лага дозволувате да ве разорува затоа што ја земате лично. Се поставува прашањето, а како може такво нешто да не земам лично? Така што ќе дознаете дека никој никогаш не лаже поради Вас. Лаже поради себе, за да оствари и земе за себе. Не велам дека треба да продолжите со некого кој постојано ве лаже, туку сакам да кажам дека неговата лага нема никаква директна врска со Вас. Лагата ја користи како заштита.
Имено таквиот образец на неискрено однесување или сличен на него ќе остане во личноста и кога Вие нема да сте во неговиот живот. Бидете среќни ако тоа не е ваш образец, затоа што разорните лаги се прават со добра намера и се верува дека се вистина за делата да бидат оправдани, наоѓајќи совршен изговор зошто нешто се случува. Лагата се прави или се кажува. И едно и друго има своја тежина, но важно е да сфатиме дека нечија лага нема директна врска со нас, туку со личноста која ја кажува или прави.
Постои една приказна која кажува дека Вистината ги соблекла своите алишта и влегла да ужива во блиската река. Тука поминала лагата и ги облекла алиштата на вистината, па почнала да шета низ светот.Затоа вистината останала гола. Но, голата вистина никогаш не се заборава. Затоа држете се до неа J
Пишува м-р Билјана Галовска, професионален коуч и НЛП тренер, предавач на БАС