АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На следната седница на Совет како редовни точки ќе се најдат завршните сметки, извештаите и програмите за работа на средните и основните училишта во градот. Од секогаш оваа тема предизвикувала интерес меѓу советниците, се зборувало по неколку часа, се изнесувале секакви аргументи за и против, и редовно опозицијата гласала против, а власта ги поддржувала извештаите.
Оваа година за првпат, ќе зборуваме за училишта, без разлика дали се средни или основни, кои работат нормално, кои можат да си дозволат да си купат средства за хигиена и обични секојдневни работи, за училишта кои имаат нормално работење затоа што имаат одблокирани жиро-сметки. За првпат ќе зборуваме за она што е направено, што ќе се направи, што се планира. Нема да зборуваме за долгови, за исклучена електрична енергија, за тужби, за опомени, за судски процеси. Ќе зборуваме за иднина, за проекти, за визија како да одиме напред.
НАСЛЕДСТВОТО
Наследеното беше исклучително лошо, ако лошо е вистинскиот збор кој може да го опише хаосот кој владееше во училиштата. Сметките беа блокирани на 12 училишта, долговите беа во милионски евра, сметките не беа платени со години, се должеше за вода, канализација и ѓубре. Ништо не беше нормално. Едно од училиштата беше со долгови од 250.000 евра, друго со 180.000 евра, трето со 120 000, а неколку со долгови од околу 100 000 евра. Да беа претпријатија одамна ќе беа пуштени под стечај и ликвидирани. Или, едноставно кажано, училишта ќе немавме.
Директорите беа принудени, наместо за научно-образовниот процес да се грижат за комунално-санитарните проблеми, кои не се нивна должност и нивна професија, инфраструктурно ужасот беше насекаде, искршени врати и прозорци, уништени спортски сали, расипани прозори и покриви, распаднати фасади и уништен училишен инвентар. Во зима и скратени часови поради студените радијатори, а да не зборуваме за експериментите како екстерно, изборните предмети и прескапиот превоз како синоним за криминалното владеење.
ИНВЕСТИЦИИТЕ
Инвестициите во битолското образование во овој момент и досега се огромни, а ќе ги има и во иднина. По десет години сметките се одблокирани, долговите се вратени, цените на превозот се нормализирани, сега конечно можеме да зборуваме за наука, за образование, за воспитување. Полека ги забораваме темите од минатото, иако мораме и да се потсетуваме и на нив, за да не ги повториме грешките. Се инвестираше секаде, затоа што и секаде требаше. Злобните коментари од типот-„зошто се реконструираат тоалети и на кој му треба тоа“ , имаат едноставен одговор, нашите деца одеа во тоалети кои немаа врати, немаа плочки, течеше од секаде и сегде, и тоа требаше да се направи и се прави.
Новото греење и новиот двор во ОУ „Св. Кирил и Методиј“, наскоро новиот двор во ОУ „Тодор Ангелевски“, новиот покрив во Стопанско, нов покрив во Техничко и нова дограма, базенот во ОУ„ Даме Груев“, наскоро нов покрив во Техничко, нова сала во ОУ „Трифун Пановски“, новата дограма во Кукуречани, реновираните училници во Бистрица, реновирани соблекувални и тоалети во ОУ „Елпида Караманди“, прозори во ОУ „Климент Охридски“ и најголемата инвестиција, потрошени 2,5 милиони евра за одблокирање на сметките битолските училишта.
Ако се работеше како што треба, со тие 2,5 милиони евра можевме да изградиме на пример, две големи детски градинки, 20-тина поголеми улици, еден голем базен, неколку локални патишта. За жал, сите заедно ги плативме хировите на претходниците.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)