2win800x200

Отворено писмо до министерката Царовска (пишува Димитар Пипилевски)

Август 31, 2020

 

 

Почитувана министерке,
Најпрво да Ви честитам за функцијата и да го изразам моето задоволство за ова кадровско решение. Но, да не брзаме со прерана еуфорија, бидејќи, доколку го имате истиот елан како во претходното министерство, Ве очекува многу работа. Ќе се обидам накратко да Ви ги предочам предизвиците со кои мора да се соочите доколку (а веќе редно време е) сакаме да го реформираме образованието во функционална категорија. 
 
НАСТАВНИ ПЛАНОВИ И ПРОГРАМИ
Првиот предизвик ќе Ви бидат ревизија на наставните планови и програми, како и ревизија и реформа на постоечките предмети во основното образование. Имено, под мотото ОБРАЗОВАНИЕТО Е СИЛА, ОБРАЗОВАНИЕТО Е МОЌ ни се случи најголемата трагедија во образованието. Се направија реформи со што учениците се преоптоварија со непотребни предмети и градива, често на сметка на најопходните (учениците во осмо одделение имаат четиринаесет предмети), а, веројатно, заради згрижување на партиската војска на претходната власт. 
Но, ајде да не се занимаваме со минатото, туку да ја подобриме иднината. Ќе ви предочам само дел од ова што е потребно за да имаме функционално образование.
 
1.Животни вештини
Потребно е овој предмет да се ревидира во формата и низ четирите години (од шесто до деветто одделение) да содржи четири подрачја:
VI одделение-основни животни вештини и граѓанско образование. Ова значи дека предметот граѓанско образование ќе се интегрира во предметот животни вештини, но претходно е потребно да се ревидираат содржините во самиот предмет; постојат голем број содржини кои не се потребни.
VII одделение-тука главно подрачје треба да биде медиумската писменост како еден од проблемоте со кои се соочуваме во секојдневието. Имено, постои дел во предметот македонски јазик, медиумска култура, но доколку се интегрира во предметот животни вештини, имаме двојна добивка-соодветен пристап кон проблемот, како и простор на предметот мајчин јазик.
VIII одделение-финансиска писменост. Според статистиките, во оваа област сме меѓу последните места. Имено, недоволно се познава економијата, банкарскиот сектор, инвестирање, осигурување и сл. (ова ќе го оставиме на експертите).
IX одделение-претприемништво. Овој предмет постои како засебен предмет, но формата и содржината се, во најмала рака, ужасни. Разбирање на терминот претприемништво со активно вклучување во проблемот преку вежби и пракса. 
 
2. Музичко и ликовно образование.
Со споменатите реформи се нанесе штета и удар на овие два предмети. Имено, фондот на неделни часови се намали од два на еден со што овие премети се ставија во подредена положба, а да не зборувам и за континуитетот на изучување-еден час неделно нема континуитет. 
 
3. Изборни предмети
Најитно ревизија на предметите и содржините-многу од нив се непотребни. 
 
Но, да не должам, за писаниево да биде ефикасно, ќе спомнам уште: укинување на задолжителното средно образование, приемни испити на факултетите под контрола на ДИЦ, техничка и инфраструктурна опременост на училиштата и многу други проблеми кои ќе треба да ги решиме.
И накрај да Ве потсетам-само тимската работа ќе вроди со плод. 
 
Димитар Пипилевски
Наставник по германски јазик
 
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани