2win800x200

После 30 години нова градинка за Битола (пишува Валентин Груевски)

Октомври 22, 2020

 

Во Битола постои огромен проблем со сместувањето на децата во градинките и тој проблем се провлекува повеќе години.  Листите на чекање се долги кај сите градинки. Секој кој има мало дете, а сака да го запише во градинка, се судрува со проблемот на сместувањето и со пречки во извршувањето на секојдневните работи поради неможноста да ги користи услугите на овие претшколски установи.

Во ова брзо време, градинките станаа насушна потреба, пред сѐ, поради високиот  квалитет кој го нудат во сместувањето на децата, социјализацијата, воспитувањето, хигиената во објектите,  квалитетниот кадар, должината на работниот ден, релативната ниска цена за престој и низа други предности во однос на поранешниот ,,класичен“ начин на растење кај бабите и дедовците.

БИТОЛА

Битола треба да е горда на она што се направи во овој период во детските градинки. Нема просторија која не е реконструирана, обновена и подновена. Од сопствени средства, во двете градинки, се набавени нови дидактички средства, реконструирани се тоалетите, нови шкафчина, просториите се климатизирани, нови теписони, нови завеси, нови возила за превоз на храна по сите стандарди, нови кујни и нови прозорци во голем дел од занималните.

Променети беа и покривите на две од најголемите градинки, „Коца Василева“ и „Пролет“, беше пуштена во употреба и новата градинка во Кравари, беа оспособени  и неколку нови простории. Во тек е и процесот на пренамена на поранешниот „Мајчин дом“ во градинка, а и реконструкцијата на „Снегулка“ дојде на дневен ред. И покрај сето ова, главниот проблем остануваше, а со оглед на ситуацијата со Ковид -19, истиот можно е и да се продлабочува.

ГЛАВНА ВЕСТ

Веста овие денови во овој сектор е дека Битола ќе добие нова градинка. Време беше да почне да се решава проблемот со долгите редови за запишување и конечно дојде време и на ова да почне да се гледа крајот. Распишан е тендер за изградба на нова градинка во поранешната касарна. Нејзината вредност во овој момент се проценува на околу  500.000 евра, парите се обезбедени, се чекаат изведувачите и наредната година да добиеме и нова градинка.

Истата  ќе биде со капацитет за 250 деца, со 13 занимални, со најсовремен ентериер и екстериер и ќе биде прва ваква модерна градинка во овој дел на државата. Битола ќе добие нова градинка после 30 години, а децата весело, безбедно, сигурно место за свој престој. Злобниците ќе добијат нова тема за разговор од типот, зошто на ова место, зошто не порано, ќе поминевме и без градинка, ај да ја видиме па да пофалиме, ама реалноста е таа.

Добиваме градинка, редот за чекање се смалува, децата ќе бидат  заедно со своите другарчиња. Добивка за сите.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

                                 

               

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани