2win800x200

ПОГОЛЕМИ АНТИФАШИСТИ И ФАШИСТИ (пишува Валентин Груевски)

Декември 03, 2020

 

Во македонската јавност деновиве, најактуелна тема, се разбира покрај здравствената криза е најновото се поизвесно вето од Бугарија, врз македонските евроинтеграции, вето за чии причини нема рационално објаснување и вето кое остави длабока горчина кај сите наши граѓани. Горчината во душата, разочараноста, неверувањето е присутно кај сите вистински загрижени за оваа држава, ама никако не можеше да се сокрие прикриената радост кај луѓето кои како да сакаа да се случи ова, па побрзаа да свикуваат пресови, организираат протести и да покажуваат лажна грижа за случувањата во државата.

Факт е дека сите помисливме, после потпишувањето на Преспанскиот договор, дека дојде крајот, на со ништо предизвиканото македонско 30 годишно чекање во чекалната на ЕУ, кога дојде новиот шок, и барањето сега за промена на нашето потекло, идентитетот, историските личности, редефинирањето на јазикот и безброј други „мали“ барања кои, пак ќе речам гибаат во душата, во гордоста на секој македонски граѓанин.

СРАМНО

 Срамно е што некои политички партии се обидоа, да профитираат од сето ова, во ова време невреме да организираат протести, на кои очигледно ги кршат сите можни протоколи   (можеби уште не веруваат во вирусот ?), и да профитираат, упорно барајќи  виновници, заборавајќи на се што претходно зборувале, мешајќи ги идеологиите, правејќи се поголеми партизани од партизаните, поголеми народни херои од оние кои  пред седумдесетина година  ги дадоа и сопствените животи.

Опозицијата заборава дека цел претходен период од осамостојувањето на државата, најголемиот дел од својата идеологија го темелеше на негирање на партизанската борба и системот во кој се живееше до осамостојувањето. Заборава дека ги рехабилитираше сите, за кои југословенската историја велеше дека работеле против Македонија, формираше најразлични здруженија со имиња, кои беа забранети во поранешната држава, а од толку многу споменици низ Скопје 2014 не паметам дека изградија споменик на некој македонски партизан. Ќе ве потсетам дека и во Битола имаа еден обид во градскиот парк на купче да ги соберат сите бисти на паднати борци од НОБ.

ЗАБОРАВААТ

Ама ние другите не забораваме, дека го измислија поимот 'Џуџето од Небрегово', притоа омаловажувајќи го Блаже Конески, кодификаторот на современиот македонски јазик, за нив Славко Јаневски, авторот на првиот македонски роман беше кодош и соработник на УДБА и го лустрираа, ги избркаа борците од нивното седиште, а во 12 години локална  власт не успеаја (ама мислам дека повеќе не сакаа), да обноват ниту еден споменик од НОБ. Запрепастувачки е само колку од нив пак извадоа слики од нивните предци во партизанска униформа, слики кои по наредба ги извадија од најдлабоките фиоки,  бидејќи сум убеден дека поголемиот дел до пред некој ден се срамеа од истите. Новите антифашисти станаа поголеми од вистинските антифашисти.

Либерално демократската партија на која и јас припаѓам, искажа јасен став по најновите случувања и побара средба на коалиционите партнери за да се разговара за ЕУ перспективите, особено во контекст на ветото од Бугарија и интервјуто на премиерот, ЛДП е за Македонија во ЕУ, почитувајќи го македонскиот идентитет и јазик, втемелени во двата Илиндени од 1903 и 1944, како и референдумот за независност од 1991, како и дека се залага со сите политички и законски средства за зацврстување на македонскиот културен, јазичен, национален и историски идентитет како во земјата и во странство. Доволно јасно и убедливо.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани