2win800x200

Нема бегање од одговорноста(пишува Валентин Груевски)

Јули 31, 2021

ДА СЕ РАЗЈАСНИМЕ

                Со појавата на политичката сцена на новото граѓанско движење на центарот, создадено од ЛДП и ДОМ, а со тенденција за вклучување на многу невладини организации, поединци и помали политички партии, се јавија најразновидни коментари, а и коментатори, некои добри, а некои злонамерни, некои со одобрување на намерата и идејата, а некои ја дочекаа на нож и ги фрлија првите стрели, се разбира отровни, кон ова движење.

                Бидејќи најмногу од сȇ ме интересира, а и најмогу пишувам за битолската политичка сцена, внимателно ги прочитав коментарите по одржаната промоција во Битола, и наидов на најразлични мислења, од полни со завист и љубомора, пакосни, па се до луѓе кои ја одобруваат и ја поздравуваат идејата. Најмногу внимание ми предизвика една кратка анализа на мојот говор на промоцијата, која иако кратка, изобилуваше со премногу небулози, нелогичности и мислам пред се незнаење од тој што ја напишал.

                БЕЗ ИМИЊА

               Без имиња и без непотребна реклама за авторот, овде ќе разјаснам неколку работи, кои ги кажав на промоцијата. Пред четири години, ЛДП на локалните избори, настапи во коалиција со неколку партии и листата која јас ја предводев освои 27.000 гласа, најмногу од секоја листа на сите избори досега во Битола. 17 советници, убедлива победа. Мандат од четири години, повторувам четири години, а не осум , шеснаесет или триесет и две. Тој мандат завршува за некој месец, кога ќе биде избран новиот состав. И не гледам никаква причина да сме излезеле сега од власта, па од таму да сме оделе сами на избори. Зошто да излегуваме од нешто што е наше, исто колку што е и на другите од коалицијата.

                Сосема е легитимно, храбро и одлучно, да кажете дека на следните избори ќе одите самостојно и дека поради тој настап, ако не добиете доволно гласови, ризикувате да ги изгубите сите места, „привилегии“ и придобивки од власта кои ги имате во моментот. Дали не е чесно тоа јасно и гласно да го кажете, а не да го правите, не дај Боже, откако ќе ве изберат.

                И точно е дека тешката борба ќе биде против двата блока, ама и против фашистичкото движење, кое насекаде фрла чадни бомби, велејќи дека се вистински и ги плаши граѓаните. Тешко ќе биде, затоа што ќе се судриме со две проверени и разработени политички машини, ама и затоа успехот ќе биде многу посладок. А успех ќе има!

                ЦЕЛТА

                Целта на изборите нема да биде да му помагаме на некој друг,  да враќаме некого на власт,  некој да останува на власт. Овојпат сакаме да се избориме за самите себе, за нашите политики, за граѓаните, за Битола. Нашиот фокус нема да бидат туѓите програми и туѓите решенија. Ќе зборуваме за нашата програма и за нашите решенија. И затоа велиме „Излези од маглата“, затоа што како самостојно избрани советници ќе имаме повеќе можност за промовирање на нашите идеи и иницијативи.

                И за крај, за овие четири години власт, одговорни сме онолку колку што сме практицирале власт, ни сантиметар помалку, ни сантиметар повеќе. И ја преземаме одговорноста за делот во кој сме управувале и од тоа нема бегање. Затоа што тоа е чесно, искрено и одговорно.     

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на  Либерално-демократската партија  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани