АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
АИРЛИЈА ИЗБОРИ
Денес 6-ти август, претседателот на Собранието, ќе ги распише новите осми по ред, локални избори, на кои граѓаните повторно ќе избираат свои претставници во највисоките општински власти, односно ќе бираат градоначалник и советници. Илјадници кандидати ќе ја започнат битката за ограничениот број на места, на крајот ќе успеат најдобрите и тие ќе бидат претставници на новата власт.
Се разбира, на крајот ќе се брои бројот на добиените градоначалници, ќе се бројат советниците, гласовите на листите, гласовите за градоначалници. За разлика од парламентарните избори на кои победник е оној кој ќе освои најголем број на пратеници, овде ќе има најразлично толкување на резултатите, и ќе има најразличен број на победници. Ќе бидат задоволни и тие што ќе освојат повеќе градоначалници од противникот, ама задоволни ќе бидат и оние што освоиле повеќе градоначалници отколку што имале претходно. И советниците различно ќе се бројат, и секој ќе брои онака како што сака.
ЗА БИТОЛА
За Битола и прогнозата на резултатот имам неколку пати пишувано, а овој пат ќе повторам неколку мои размислувања, со цела опасност да згрешам, ама мислам дека ќе бидам во границите на статистичката грешка. Во Битола нема да има апсолутен победник на овие избори и ниту една листа нема да освои шеснаесет советници. Тоа ќе биди исклучително добро за демократијата, бидејќи ќе имаме повеќе центри на моќ, и за водење на општината ќе бидат потребни многу компромиси, многу политички сенс и многу време и нерви.
На двата поголеми политички блока кои ќе ги предводат Вмро-Дпмне и Сдсм до 31 ќе им недостигаат 7-8 советници од вкупниот број, односно тие советници ќе ги делат меѓу себе листите кои ќе настапат надвор од овие два блока. Толку многу советници „надвор“ од овие листи немало никогаш на локалните избори. Новиот градоначалник ќе има тешка задача да ја состави и да ја води новата локална власт.
НАЈГОЛЕМИОТ ГУБИТНИК
Најголемиот губитник ќе биди опозицијата, односно Вмро-Дпмне, за која вистински успех ќе биде ако го повтори резултатот од претходните локални избори, како по број на советници така и по број на гласови. Таа секојдневно се јаде во своите внатрешни расправии и секојдневно е подјадувана од друга опозициона партија, со која на почетокот сакаше да шурува, а кога полека почна да разбира дека тоа е сериозна опасност за неа и за нејзиното одржување (ако воопшто разбрала), станува веќе предоцна.
Ако на ова се додаде, дека се уште се далеку од изборот на кандидат за градоначалник, а потрагата по него иако опсежна и со голем дијапазон не дала резултат, сегашните внатрепартиските имиња, кои се вртат во опозициониот барабан, и не се така сериозни, тогаш вистински успех ќе биде повторување на резултатот од пред четири, па и ако сакате и од ланската година, а со тој резултат не се добива градоначалник, никако. Се погласни пак, се размислувањата дека е можно во вториот круг, кој сигруно ќе го има поради високиот цензус, и воопшто да не се пласира нивниот кандидат, тогаш поразот убедливо ќе биди најголем и најдраматичен досега.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на Либерално-демократската партија