АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолската Противпожарна единица денес слави 186 години постоење. Формирана е со повелба на Румелискиот Валија на 20.05.1836. Оваа единица е најстара во државата и на Балканот. Датумот на основањето е земен како празник на пожарникарството во земјава.
Денот на пожарникарството денес беше одбележан со полагање цвеќе пред спомен- плочата кај ТППЕ Битола.
„Сакам да го честитам 20 мај – Денот на пожарникарите на Македонија, на овие храбри момци да им изразам искрени честитки. Денес, се одбележуваат 186 години постоење на противпожарната единица, од формирањето во 1836 година. Тоа е датум кој треба навистина достојно да се одбележи. Им честитам на храброста и на залагањата. Тие секогаш мора да бидат подготвени за секакви ситуации кои може да се појават. Сакам да ја искажам подготвеноста на локалната самоуправа, на Општина Битола, да продолжи многу поактивно во помагање на противпожарната заштита во Битола, со тоа што пред распишување сме на тендерска постапка за изработка на проектна документација за изградба на противпожарната станица, која ќе биде лоцирана во АРМ, а исто така деновиве очекуваме донација од 3 специјални возила од Република Франција, за што предвидена е и обука на пожарникарите, а од друга страна, преку Пелагонискиот регион и комплетна опрема за противпожарната единица, така што во периодот кој следи, се надевам многу брзо ќе ја видиме и изградбата на новата противпожарна единица, зошто овие луѓе навистина заслужуваат подобри услови за работа“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Заменик командирот на територијалната противпожарната единица во Битола, Горан Димкоски, информираше дека, во единицата има 41 вработен пожарникар, а бројот на противпожарни возила со донацијата која треба да пристигне од Франција, ќе биде 11.
--
И покрај војната, екипа од Украина годинава ќе присуствува на 41 издание на Детската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ што од 23 до 30 мај ќе се одржи во Битола. Украинската екипа ќе ја сочинуваат ликовен педагог и двајца ученици од „Рокицки“- детско уметничко училиште од Володимир-Волински. Сепак, тие се единственото училиште од Украина кое ќе допатува во Битола иако дури десет училишта испратија цртежи и сите се наградени со златни палети и дипломи.
„Годинава по две години пауза поради пандемијата за парвпат повторно имаме деца учесници. И во овие турболентни времиња на светско ниво ние имаме околу 85 гости од 14 држави. За жал, нема да бидат присутни деца од евроазиските школи каде короната има некој друг тек и претставниците од Руската федерација кои поради политички случувања и војната не се во можност да патуваат“, рече Славчо Неделковски, дел од организација на Колонијата.
Свеченото отворање е на 23 мај , понеделник, на платото пред Монмартр во старата чаршија во Битола. Ќе бидат доделени наградите и дипломите, а ќе се отвори и 40 Светска изложба со 777 цртежи избрани од стручно меѓународно жири од 22500 пристигнати творби од целиот свет.
„Годинава ќе го имаме и најмладиот учесник во историјата на Колонија, тримесечно бебе од Тирана , Албанија. Бебето е на еден од ликовните падагози и изразија желба и него да го донесат, па и за него подготвивме маичка и рекламен материјал“, рече Елена Хаџи Антоновска.
Меѓународното стручно жири наградата Гран при му ја додели на „Ателје Вејсел Аџар“ од Трабзон, Турција. Три специјални награди за училиштата „Данила Локарја Ајдовшчина, Словенија, „Св. Имре„ од Кечкемет, Унгарија и „Венјамин Костаче“ Манастиреа Неамт, Романија. По втор пат се доделува почесната награда „Коста Хаџи Антоновски“, која ќе стане традиција, а ја добива Ирина Кручинина од Русија, која 30 години е учесник на Монмартр, а годинава поради воениот конфликт нема да може да дојди да ја подигни .
Од Детското ликовно студио „Св Кирил и Методиј“ кои го организираат „Монмартр“ рекоа дека годинава се поддржани од Министерствата за образование и култура, од Општина Битола, Советот, приватници, но дека од в година веќе нема да ја играат политиката на молење пари по институции, туку ќе бараат средства од меѓународни фондови.
„Оваа година сме на позитивна нула за потребите на Фестивалот иако тоа е по традиционалните принципи на молење , излегување во пресрет. Нема да ја играме веќе политиката на молење , ќе создаваме дела и ќе покажеме и нови моменти. Од следната година ќе воведиме и мастер класови, го ребрендиравме Детското ликовно студио по франшизите на ‘Мал Битолски Монмартр’ и активно ќе се усмериме кон ЕУ фондовите“, рече Неделковски.
За Денот на Музеите, потпишан меморандум за соработка меѓу Музејскиот центар во Драч и Завод и музеј Битола. Вчера во Археолошкиот музеј во Драч, Албанија, се отворија изложби од фондот на Битолскиот музеј. Присутните беа воодушевени од изложбата на постер фотогрфаии на препознатливите „Градски костими“, подготвена од етнологот Наде Геневска Брачиќ и изложбата на постер фотографии „Невестински соништа“ кои содржат касели и ковчези од Битолско, подготвена од етнологот и актуелна директорка на Завод и музеј Битола, д-р Мери Стојанова.
Реконструкцијата на мостот кај Безистенот е во завршна фаза и најверојатно ќе биде готов во првите денови на јуни, рече градоначалникот Тони Коњановски. Тој додаде реконструкцијата не можеше да заврши побрзо зашто мораа да бидат запазени сите потребни мерки и да се извади целата документација.
„Мостот е во завршна фаза, поставена е бетонската конструкција, која тревба да одлежи. Сметам дека првите денови на јуни ќе биде готов. Неопходна е оваа фаза на одлежување и добивање на јачина на бетонот. Следи само тестирањето кое ќе биде во еден ден, асфалтирањето на површината и ќе биде спремно. Граѓаните мора да имаат разборањее зашто мораа да бидат запзени сите правни мерки, се соочивме со триесетина документи и дозволи кои требаа за да се направи реконструкцијата, не можеше ништо побрзо од ова“, рече Коњановски.
Мостот е затворен за сообраќај од ноември минатата година бидејќи имаше сериозно оштетување на носачите.