АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Советниците во минатото не гласале за приватизација на Копанки затоа што Советот нема таква надлежност, рече Валентин Груевски, актуелен претседател на општинскиот Совет.
Тој побара извинување од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Иванчо Тошевски, кој вчера на прес конференција ја обвини актуелната локална власт дека како опозициски советници учествувале во одлуките за легализација и утврдување на сопственост на планинарскиот дом.
-На вчерашната прес конференција, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, отворено застана на страната на неправдата, и користејќи неколку лаги, проба да ја изманипулира јавноста. Неговата изјава дека во минатиот состав сум гласал да му го препишиме Копанки на ПСК „Пелистер“ е чиста манипулација, и јас во најмала рака очекувам и барам јавно извинување. Во минатото, три пати сме гласале на оваа тема. Првиот пат, веднаш по опожарувањето, кога побаравме еден милион денари од советот, ВМРО-ДПМНЕ гласаше против, втор пат кога изградбата на Копанки ја ослободивме од плаќање на комуналии, кога Копанки беше далеку од приватизација, и трет пат во овој совет кога јасно и гласно кажавме дека сме спремни да одвоиме 100.000 евра за негова реконструкција, ама ако имаме чисти должничко доверителски односи. За приватизација на Копанки немаме гласано, но ниту Советот имал таква надлежност. рече Груевски.
Тој додаде дека граѓаните имаат право да ја знаат вистната за Копанки, но без конструкции и извртување на тезите.
-Копанки во овој момент, до правосилноста на решението е приватен објект, сопственост на здружение на граѓани, во кое здружение, можете да станете член само ако Ви дозволат од здружението, бидејќи така пишува во нивниот статут. ПСК „Пелистер“ станал сопственик на Копанки во 2016, кога сопственоста му била впишана во Централниот регистар и во Катастарот. Значи, Копанки е нивно, тие се сопственици на објектот, не се корисници, не се закупци, не одржувачи на објектот, туку сопственици. Дали е исправно, законски, морално, етички Копанки да биде приватен објект? Според мене не е, и не треба да дозволиме да биде така, вели престадателот на општинскиот Совет.
За обвинувањата на Тошевски дека актуелната власт сака да го приграби планианрскиот дом за блиско лице до некој функционер, Груевски, рече:
-Сакам да ги демантирам конструкциите со кои се плашат граѓаните.Копанки во овој момент е приватизиран, ние немаме намера да го приватизираме.Имаме да намера брзо да го изградиме и да остане планинарски дом.Имаме намера веднаш по завршување на постапката да го побараме од државата и да стане општински.Имаме намера цените во него да бидат пристојни и достапни за сите граѓани, псочи Вланетин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.