АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Чистење на дивите депонии низ градот ќе спроведат следната сабота, на 28 септември, битолските јавни претпријатија, а носител ќе биде ЈП „Комуналец“. Предвидено е во акцијата да учествуваат и претставници на невладиниот сектор и локалното население, а ќе започне во 8 часот наутро и ќе се спроведува на неколку локации низ градот
-Ќе се чисти на локацијата Тепсија на Баирот, во населбите Боримечка и Буковски ливади, во атарот на средношколскиот интернат, во Новиот пазар кон Техничкото училиште. Граѓаните може слободно да се вклучат, а на локациите ќе има претставници од ЈП „Комуналец“, се со цел, сите заедно да постигнеме повеќе и подобро. Ќе ни се придружат и колегите од останатите јавни претпријатија „Водовод“ и „Нискоградба“ со нивната механизација, за расчистување на дивата депонија кај клучката за селото Ротино. Ние и натаму, по барање на нашите сограѓани ќе продолжиме да интервенираме на останатите депонии, рече директорот на ЈП „Комунелаец“, Панде Богоевски.
Големата акција беше најавена од обиколницата над Битола, каде со години имаше депонија која беше лоша слика и опасност на магистралниот пат Охрид-Битола-Прилеп, а недомана беше целосно исчистена.
-За прв пат овој дел го исчистивме во февруари 2018 година, а истото го направивме и ова лето кога беа отстранети над 2000 метри кубни ѓубре. За таа цел беа вклучени јавни претпријатија, приватни фирми, граѓани, а сега се одржува со помош на ЈП „Комуналец“, кое вработи лице задолжено само за чистење на овој дел. И при тоа чистење, но и претходно кажав дека никогаш не може да се исчисти толку, колку што можат другите да извалкаат. Во меѓувреме на низа локации во градот беа санирани депонии, кои што постоеле години наназад. Им благодарам на граѓаните, на сите иницијативи, политички субјекти, кои што сиот изминат период се вклучија во вакви активности и кои што дадоа придонес за поубава и почиста Битола. Во таа насока и треба да се движиме, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Мирсад Мухединов, вработен во ЈП „Комуналец“ е задолжен да ја одржува чиста обиколницата над Битола.Тој не само што чисти, туку внимава жителите од дивата населба да не ја загадуваат околината. Вели дека успешно се справува со нив ,но и со други граѓани кои доаѓаат овде за да се солободат од сметот или градежниот шут.
-Се грижам за овој дел од обиколницата и сакам да биде чисто. Немам проблеми, успешно се справувавм, им кажувам дека убаво е да е чисто за сите. Идат и од градот луѓе кои фрлаат ѓубре, ама јас го собирам, вели Мирсад.
Од општина Битола велат дека комуналната инспекција издала повеќе решенија за санкционирање на лица кои се затекнати да ја загадуваат животната околина, не само на обиколницата туку и во градот.
-Наскоро комуналната инспекција ќе постапува и за приватен имот, односно онаму каде ќе биде воочено дека сопственици на имоти кои ги поседуваат а не ги користат, односно запуштените објекти, да ја исполнат обврската онака како што налага комуналниот ред, рече градоначалничката Петровска.