АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Март, годинава ќе биде месец на мамографијата зашто по иницијатива на Организаација на жени, а во соработка со Клиничката болница од Битола, 60 жени ќе добијат можност да направат беплатен мамографски преглед. Прегледот ќе се извршува на новиот дигитален мамограф во Болницата, а ќе се прегледаат жени од регионот на Битола, Могила и Новаци.
„И оваа година Организацијата на жени од Битола ќе го одбележува празникот на жената, 8-ми Март поинаку од други празнувања. Сакаме со оваа наша акција која сесрдно ја прифати и Клиничката болница од Битола да ги анимираме жените кои можеби до сега воопшто не дошле на преглед на мамографија, оние жени кои се плашеле или можеби не знаеле воопшшто дека има нов апарат во Болницата, да се прегледаат. Од групата од 60 тина жени следниот месец , секој ден по две жени во Болницата ќе се снимаат на модерен мамограф“, рече Светлана Петковска, претседател на Организација на жени од Битола..
Директорката на Клиничката болница, Д-р Билјана Гагачовска, специјалист психијатар, вели дека како општествено одговорна установа која се грижи за здравјето на пациентите се вклучуваат во кампањата за бесплатни мамографски прегледи, со цел да се подигне свеста кај жените за редовни прегледи.
„Кога Организацијата на жени од Битола како медицински директор на Клиничката болница, ме исконтактира за нивната идеја за едно поинакво одбележување на месецот на жената, бев воодушевена и со радосат одлучивме да ја прифатиме таа идеја, бидејќи согласно здравствените политики на нашата држава многу е важна превенцијата на одредени болести, посебно превенцијата на малигните болести кај жените во повозрасно доба“, рече Гагачовска.
Организацијата на жени го подготви списокот, а заинтересираните жени се пријавија преку социјалните медиуми. За три часа се пополни целосно бројката. Бидејќи има и жени од рурални средини превозот ќе го организира Организација на жени, а од Клиничката болница ќе овозможат жените да се прегледаат во најбрз можен рок без да бидат изложени на трошоци.
„Како болница стоиме на располгање и сакаме да излезме во пресрет со нашите можности на граѓаните, па од првичната бројка од 30 жени, без никаков проблем понудивме дека ние можеме согласно нашите можности да опслужиме 60 жени за овој период. Сакаме и ние како болница да покаже дека сме тука, достапни за сите оние кои сакаат да научат нешто повеќе за сопственото здравје, да направат некаква проценка, проверка, можеме сето тоа да го организираме со добра волја се во интерес на граѓаните. Многу е подобро да се спречи отколку да се лечи“, рече директорката Гагачовска.
Пациентите доаѓаат на мамографија во ситуација кога постојат индиции за болест или пак, над 45 година како превентивна мерка за рано откривање на карциномот согласно протоколите на Министерството за здравство и програмите на матичните лекари да се упатуваат жените на контролен превентивен преглед.
Ж.З.