Сто ученици од материјално необезбедени семејства во Општина Битола, кои поради недостаток од дигитална опрема, во услови на пандемија од коронавирусот, не се во можност редовно да ја следат онлајн наставата, ќе добијат таблет – компјутери за непречено учење. Донацијата која беше доставена до Општина, ја обезбеди семејството Дестани од Тетово , преку компанијата „Еколог – Интернешнл“, покажувајќи ја на овој начин својата општествена одговорност и грижата за најмладите.
„Оваа донација е наменета за учениците кои останаа надвор од образовниот процес, заради недостаток на дигитални уреди. Една од најважните работи што можеме да ја направиме заеднички за време на кризата на „Ковид-19“, е да се осигураме дека иднината на оваа земја, децата, ќе продолжуват со наставата без пречки“, вели филантропот Лазим Дестани.
Компанијата „Еколог“, донира неколку илјади таблет - компјутери, во повеќе општини во државата.
Градоначалничката на Битола Наташа Петровска изрази голема благодарност за ваквото хумано делување, со кое на учениците им се помага во нивното непречено совладување на знаењата во онлајн наставата.