Ви ја пренесуваме последната математичко статистичка анализа на универзитетскиот професор од Техничкиот факултет во Битола, др. Дејан Трајковски
Во Битола сме веќе 16 дена далеку од врвот на новозаразувањето (на првиот дијаграм), а деновиве поминуваме и преку врвот на смртните случаи (на вториот дијаграм).
Иако пролетниот врв на дневниот број на нови случаи е повисок за околу 54% во однос на есенскиот, пролетниот врв на смртните случаи е понизок од есенскиот за околу 11%. Оваа дивергенција добро ја покажуваат зелените линии на двата дијаграми.
Истиот заклучок го изведуваме и преку седумдневната подвижна стапка на леталитет, на третиот дијаграм. Во однос на ноемврискиот бран леталитетот во априлскиот бран е двојно понизок. Допрва ќе има доста работа за анализирање на оваа појава, кои лекови или медицински процедури биле применети пролетва, за разлика од есента, дали евентуално се извлечени некакви поуки од есента - во секој случај преполовениот леталитет донесе и намален морталитет. Да не било така, наместо просечно по 3, ќе гледавме просечно по 6 смртни случаи на ден. Инаку, на државно ниво леталитетот е практично константен полни 9 месеци
Во Битола се уште има отворен голем број на активни случаи и многу хоспитализирани. Овие два врва обично побавно се намалуваат, но добро е барем да се знае дека се и тие достигнати.
Несреќата доаѓа бргу, ама заминува полека. Да не забораваме дека моменталниот просечен дневен број на случаи (околу 48), колку и да ни изгледа мал во однос на последниот врв, тој е само минимално понизок од ноемврискиот максимум од околу 57 случаи на ден. Во Битола ќе биде потребно максимално внимание барем уште 2-3 недели.