АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во 1946 година во Ениџе-Вардар, Егејски дел на Македонија, е убиена Ирина ГИНОВА-Мирка, припадник на македонското националноослободително и грчкото комунистичко движење и учесник во Антифашистичката и Граѓанската војна во Грција.
Родена е во селото Русилово, Воденско, Егејскиот дел на Македонија, во 1916 година. Откако заврши учителска школа, доби работа како учителка. Беше предвоен активист на грчкото комунистичко движење. Во периодот на тројната фашистичка окупација на Грција и Егејскиот дел на Македонија активно го помагаше и организираше антиокупаторското движење. Од 1943 година стана борец во партизанската единица на ЕЛАС која дејствуваше на Ниџе Планина. Набрзо беша избрана во раководството на грчката комунистичка и антифашистичка организација на жените во Воденско. Во 1945 година се вклучи во Народноослободителниот фронт (НОФ) на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Во наредниот период дејствуваше илегално по селата во Мегленско, Воденско и Островско. Беше член на Окружниот одбор на НОФ за Воденско, а во негови рамки беше одговорна за прашањата на жените. Заробена е на 6 јули 1946 година, по кратка борба во Почепската шума, односно во близина на селото Почеп, Воденско.
По повеќедневно мачење и понижување, на 23 јули 1946 година беше изведена пред воениот суд во Ениџе-Вардар и заедно со соборците со кои беше заробена, беше осудена на смрт со стрелање. Неколку дена потоа егзекуцијата е извршена на гробиштата во Ениџе-Вардар.
Подготвил д-р Александар Литовски, историчар