АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со денешниве нови 175 случаи и 5 починати од КОВИД-19, нема никакви добри вести за ослабување на вториот бран (или вториот врв на првиот бран, сеедно), пишува професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски. Според него бројот на новозаразени од вториот бран започна да го надминува бројот на оздравените од првиот бран.
- Фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи) не покажува дека сме блиску до врвот, најмногу поради малиот број на оздравени. По една недела кога ќе започне помасовното оздравување (но и умирање?) од вториот бран ќе видиме извесно израмнување на кривата, но под услов да не порасне просечниот дневен број на новозаразени над сегашниве 125. Со временска дистанца од еден месец, сега убаво се гледа каква борба се водела меѓу новозаразените и оздравените, некаде помеѓу случаите бр. 1500 и 1900. Околу 1700-тиот случај, на 13 мај, бројот на новозаразени од вториот бран започна да го надминува бројот на оздравените од првиот бран. Кога се исцрпија оздравувањата од првиот бран, во комбинација со новиот бран на заразување, повеќе ништо не му стоеше на патот на порастот на активните случаи (разликата помеѓу вкупните случаи од една и оздравените со починатите од друга страна). Единствено на вториот дијаграм гледаме извесен застој во порастот на дневниот број на новозаразени, но тој е сé уште многу висок, на ниво на италијанската епидемија (во однос на бројот на жители) околу нивниот врв. Базичниот репродукционен број сé уште е прилично висок, R0=1,81, што значи дека интензивното заразување е сé уште во тек. Како овие вести да не беа доволно лоши, за крај да кажеме дека процентот на затворени случаи кои завршиле со смртен исход од почетокот на епидемијата до денес надмина 9%, поточно 9,13%, а во изминатите 7 дена тој изнесува 26,51%. Моите најгруби, но и најоптимистички проекции (иако е прилично рано да се изнесуваат во оваа фаза на раст) кажуват дека епидемијата кај нас нема да се заврши без вкупно 5.000-6.000 случаи, анализира професорот Трајковски.