АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Најсовремен ултразвучен ехо апарат ќе биде набавен со јапонска донација за потребите на Одделението за педијатрија во битолската Клиничка болница. Договорот за грант вреден 52 779 евра денес го потпишаа јапонскиот амбасадор Хиронори Савада и директорката на Болницата, д-р Билјана Гагачовска. Апараот е обезбеден преку јапонската програма за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност.
„Ова е наш 12 грант на општината и трет на болницата. Со него Јапонија на Клиничката болница Битола ќе ѝ обезбеди ултразвук од брендот ‘Канон’ на Одделението за педијатрија кој е потребен за прецизна и навремена дијагноза на разни болести кај деца до 14 години. Годинава ќе потпишам 13 проекти во вкупен износ од 825 000 евра со кои досегашната јапонска поддршка ќе изнесува вкупно 8,5 милиони евра за 171 проект“, рече амбасадорот Савада.
Со новиот апарат ќе се подобри грижата за здравјето на најмладите пациенти во Југо-западниот Регион во земјава.
„Средствата кои се обезбедени од овој грант се наменети за набавка на најсовремен ултразвучен апарат за кардиолошка, транкренијална и абдоменална ехо дијагностика на Педијатриското одделение. Со овој апарат ќе се обезбеди соодветна и современа дијагностика на најмладите пациенти од Битола и Регионот и ќе се зајакнат дијагностичките капацитети на Педијатриското одделение. Младите специјалнисти на Одделението, кои се големи ентузијасти, ќе имаат можност преку современата апаратура своите знаења да ги стават во полза на децата“, рече Гагачовска.
Од 1996 година Јапонија во Македонија има поддржано повеќе проекти од здравство, образование и животна средина.
„Општина Битола во изминатиот период има добиено десет грантови што ја потврдува долгогодишната соработка на Битола со Јапонија уште од 1996 година. Се надевам дека ќе продолжи соработката понатаму преку заеднички проекти кои ќе придонесат за подобрување на условите во институциите, но и преку културна размена за зближување на културите на двата народа“, рече градоначалникот Тони Коњановски, кој присуствуваше на потпишувањето на договорот.