АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Не може да се предвиде што ќе се случува со ребалансот на буџетот на Општина Битола откако ВМРО-ДПМНЕ која ја предводи локалната власт остана без мнозинство во Советот, а токму од него зависи реализацијата на значајни проекти во градот. По летните одмори на советниците, до крајот на август треба да се одржи следната седница. Останува отворено прашањето дали советниците ќе го прифатат новиот ребаланс предложен од градоначалникот Тони Коњановски или пак ќе останат на оној што го изгласа мнозинството од 11 јули во кој се вметнати повеќе амандмани на опозицијата, а „за“ гласаше и ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот Коњановски, инаку кадар на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека ребалансот што го изгласаа советниците ја надминува дозволената финансиска рамка за 116 милиони денари и не може да биде вчитан од Министерството за финансии. Токму затоа бара советниците кои го изгласаа, сега да го отповикаат и да го прифатат оној што наново им го предлага.
„Направивме нов ребаланс, рекомпониравме, уваживме дел од предлозите на другите советнички групи, за други предлози ќе зборуваме на координативниот состанок што ќе се одржи пред седницата. Јавно ги повикав да присуствуваат претставниците на сите советнички групи. Сѐ за добробит на граѓаните, за да не одиме преку судски инстанци. Градот не смее да биде блокиран. Во него се ставени сите предлози што можат да се вчитаат финансиски“, рече Коњановски.
(Фото: Тони Коњановски, градоначалник на Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ)
За претседателката на Советот Габриела Илиевска од независната иницијатива Поинаку спорно е да се отповика донесениот ребаланс кога е изгласан со мнозинство гласови, дури и од советниците од ВМРО-ДПМНЕ и објавен во службено гласило.
„Апсолутно немам намера да го разгледам, зашто имаме донесен ребаланс за кој формиравме и групи и тие требаше да работат да влезат тие средства во рамката предвидена од Министерството за финансии. Не може Советот да носи нов, кога веќе имаме ребаланс објавен со службен гласник и кој во себе содржи амандмани кои овде ги изгласале мнозинството советници. На први август градоначалникот го објавил ребалансот. Незаконски е да пушташ нов ребаланс ако имаш усвоен кој е објавен во Службен гласник“, рече Илиевска.
(Фото: Габриела Илиевска, претседавач на Советот, кадар на Поинаку)
Веќе четири месеци трае политичката кавга меѓу градоначалникот и претседателката на Советот, откако Поинаку го напуштија советничкото мнозинство критикувајќи ја локалната власт за ветени, а нереализирани проекти. Од мнозинството излезе и Левица, па сега блокот советнички групи кои не се во коалиција со власта успеваат да ја надгласаат ВМРО-ДПМНЕ и да усвојат свои иницијативи и амандмани.
Политичката криза стигна дотаму што во два наврати вонреден инспкециски надзор врз работата на Советот изврши и Државниот инспкеторат за локална самоуправа по барање на Коњановски и Илиевска, а за еден од случаите се произнесе и Второстепената државна комисија, па случајот на крај најверојатно ќе заврши на Управен суд.
Општинскиот Совет брои 31 советник, а најголемиот политички коалиции онаа на ВМРО-ДПМНЕ има 13 советници, на СДСМ 11, па за да остварат мнозинство зависат од Поинаку и Левица.
Ж.З.