ПОСТИГНАТА Е ФИНАНСИСКА СТАБИЛНОСТ НА ОПШТИНА БИТОЛА, РЕЧЕ ПЕТРОВСКА

Март 14, 2019

-Во тек е изработка на проектна документација за 33 инфраструктурни проекти.

 

Постигната е финансиска стабилизација на Општина Битола, рече градоначалничката Наташа Петровска на денешната седница на Совет осврнувајќи се на завршната сметка за 2018 година.

„Процентот на реализација на планираните приходи изнесува 77.27 проценти што претставува висок степен на реализација. Споредено со 2017 година кога реализација на планираните приходи беше 64,34 проценти, во 2018 година сме успеале да ја подобриме реализацијта за 13 проценти. Приходите во 2018 во однос на 2017 година номинално се зголемени речиси за 30 милиони денари или за скоро 6 проценти“, рече Петровска.  

Над 90 проценти се реализирани даночните приходи што е за десет проценти повеќе од претходната година. Како резултат на тоа, годинава во првиот квартал веќе се префрлени 515 000 денари од централната власт, а до крајот на годината 2 милиони денари како награда за планирањето и реализирањето на даночните приходи..

Петровска рече дека најрелевантниот податок за рационалност и наменско трошење на парите прибрани од граѓаните е учеството на капиталните во вкупните расходи на општината. Тоа учество во 2018 година беше 42.3 проценти, што според општинските власти ретко која буџетска институција може да се пофали со ваква бројка. Во 2017 учеството на капиталните во вкупните расходи беше 37,2 %.Воедно и договорните услуги лани биле намалени трипати во споредба со 2017 година.

Петровска ги потенцираше разликите во висината на обврските што ги имаше Општината лани и претходните години.

„На крајот на 2017 година само по основ на фактури или пристигнати ситуации општината имаше обврски од 117 милиони денари или скоро два милиони евра, а на сметката имаше само 24 милиони денари. Покрај ова во 2017 имавме и обврски по основ на гаранции од минати години кои ги исплативме во 2018 година и тоа во износ од 13.065.893 или вкупните обврски по основ на фактури, ситуации и гаранции во 2017 година беа 130 милиони денари. А да не зборуваме за судските одлуки за кои исплаќавме, исплаќаме и ќе исплаќаме големи суми. Деновиве повторно ни стигаат тужби за работи од пред две- три години“, додаде градоначалничката

Ако пред две години Општината имала обврски од 130 милиони денари, на крајот од 2018 година тие биле само 37 милиони денари, а на сметката има трипати повеќе пари од обврските.

„Во моментов во Општина Битола во тек е изработка на проектна документација за 33 ифраструктурни проекти, од кои што дел одат преку повик за јавни набавки, дел преку нарачани обврски кон јавните претпријатија. Добро ќе беше претходната власт и во 2017 година да завршеше со вакви бројки. Но, сега критериумите се поразлични, а граѓаните секако ќе го видат резултатот од ваквото работење, кое нема да остане само на глаголската форма ќе, туку навистина на терен се работи на реализација“, посочи Петровска.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани