АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Мериен, сопругата на најбогатиот Македонец во светот Мајк Илиќ на крајот на септември со група туристи од Америка ја посетила Битола и покрај рестораните во градот се одлучила да руча токму во домашен амбиент во куќата на битолчанката Сандра Печалева. Сандра веќе втора година пречекува гости од странство во својот дом како дел од проектот Balkan Prime Tours.
Групата од 29 Американци имаа можност да вкусат исклучиво домашни специјалитети. А Мериен најмногу се воодушевила од јагнешка супа, јогуртлитава и чомлек.
-Ме воодушеви приказата на Мериен како со својот сопруг стасала до да кажам недостижните, а толку едноставна жена, пријатна и пријателски настроена кон секој од нас. Кај мене дома се воодушевуваше на ситните детали кои што ние нема да ги забележиме, но таа ги забележа. Од моите специјалитети јадеше со задоволство, воодушевена од јогуртлитавата, чомлекот, и иако кажа дека не сака да јади многу благо сепак ја проба баклавата и чоколадните саксии. На кафе муабет ми раскажа дека оваа тура во Македонија и во Битола ја посветила на својот покоен сопруг бидејќи тој ја планирал, но не успеал да ја реализира, раскажува Сандра за Апла.мк.
Мериен на патувањето била со ќерката, една од нејзините седум деца, зетот и трите внуци кои се вегани, но сепак како што вели Сандра пробале од јагнешката супа .
-Едниот внук на Илиќ ме замоли да му ги спакувам питулиците со лук и орев, бидејќи се воодушеви од вкусот, вели Сандра.
Мајк Илиќ, почина пред две години на 87 годишна возраст, тој беше еден од најбогатите Македонци во светот и еден од најголемите поддржувачи и долгогодишен донатор на Обединета Македонска Дијаспора (ОМД). Магазинот Форбс го прогласи за најбогат Македонец во светот, заради неговите македонски корени. Илиќ бил син на македонските емигранти Сотир и Султана од битолското село Драгош. Богатството го стекнал со основањето на ланецот ресторани „Литл Сизрс пица“, за потоа да ги купи хокеарскиот клуб Детроит Ред вингс од НХЛ-лигата, бејзбол-тимот Детроит тајгерс од МЛБ-лигата, а поседувашл и клубови во американски фудбал и во софтбол. Семејството Илиќ е едно од најголемите филантропи во САД.
Фотографија од Мериен и Мајк Илиќ
Мериен со порака со посвета за Сандра Печалева