АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола од средиште на Румелискиот вилает, најважен балкански административен, воен и економски центар на Турската империја за време на Првата светска војна го променила својот лик речиси до непрепознатливост, пишува етнологот д-р Мери Стојанова во својата најнова книга „Цивилното население во Битолско за време на Првата светска војна“. Книгата што беше вчера промовирана во Битола дава реална, застрашувачка слика за страдањата, мобилизациите, експлоатиацијата, миграциите на цивилното население кое се нашло во близина на линијата од Македонскиот фронт.
„Од отворањето на оваа фронтовска линија особено настрадал градот Битола, кој многумина истражувачи и историографи го сметаа за втор град во светот, по францускиот Верден, кој претрпел најголеми штети за време на Првата светска војна. Од средиште на Румелискиот вилает, и, воедно најважен балкански, административен, воен и економски центар на Турската империја во последниот век од нејзиното постоење, преку сосема маргиналната позиција во која се нашол со поделбата на Македонија и нејзиното потпаѓање под српска власт, па до исклучиутелно важно воено жариште во Првата светска војна, Битола го променила својот лик. Многу импозантни објекти од централното градско подрачје биле целосно разрушени“, пишува Стојанова во книгата.
Локалното население станало најголема колатерална штета особено за време на бомбардирањето со хемиско оружје.
„Многу хуманитарни мисии, поради ваквата централна позиционираност на градот од самиот почеток на војната па сѐ до нејзиното завршување биле лоцирани токму во Битола. Бројните болнички објекти, пренаменетите училишта адаптирани за лекување на војниците, припадници на различни воени формации и од различни војски, како и бројните привремени стационари и други воени болници лоцирани долж фронтовската линија во Битолско, биле премалку да ги задоволат здравствените потреби на војската. Цивилното население, пак, било во уште понезавидна состојба. Десеткувано од воените мобилизации, покосено од разните заразни болести како што биле тифусот, маларијата, треската, и многу други нему му преостанувало да се обиде по секоја цена да извлече жива глава или да остана да го чека судниот ден“, пишува Стојанова.
Мобилизации и тифус
Во книгата се содржани податоци од истражувања од педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, како и авторски истражувања на Стојанова во Битолско, Преспа и Струмичко. Содржи сведоштва на потомци на локалното македонско население кое ги доживеало мобилизациите за туѓите војски. Еднаш веќе мобилизираното население за време на Балканските војкни, не стигнало нити да ја соблече униформата, туку веднаш било повторно испратено на фронт. Мобилизирано до српска или бугарска војска.
„Ме зедоа мене петнајста година, баш на Нова година. Прво и прво појду во Књажевац. Од Књажевац тамо еден пук сне две илјади души, пук бре и сите бевме од Македонија, немаше измешани од Србија. Тамо вамо никако мешани сите Македонци бевме и толку мене ми омрзна тогај, српската политика или власт...сите младинци од деветнајсет, двајсет години... Како шо појдовме од дома со едно гунче, со него јануар, февруар, март. Три месеци никако перење алишта, никако слечуење, никако чистење. Коа нѐ навјанаа вошки, се јави тифусо во тиа касарните. Кога ги фати тифусо тие првните војници, ниеден не куртули“, пренесени се сведоштва на поранешни војници во книгата.
Од глад јаделе желади
Населението кое не било мобилизирано било користено за градење на воена инфраструктура, патишта, ровови долж целата фронтовска линија. Денешните остатоци на таканаречениот француски пат кој ги поврзувал селата Скочивир, Ивени, Чегел и Суводол, како и дел од друга патна инфраструктура во Преспа претставува пример за ангажманот на локалното население. Тоа било вклучено и во градењето на теснолинејка во 1917 година.
На локалното население војските им ја одземале стоката, житото и се што имале за храна. Отсуството на машко работоспособено население придонеувало за слабите проноси во земјоделството. Населението било принудено да гладува.
Во борбата за преживување и прехранување населението од Мариово одело дотаму што започнало да ги користи желадите кои ги мелело и од нив подготвувало брашно за месење леб и друга намена.
Ова се само мал дел од голготата опишана во книгата што ја преживеало населението во Македонија за време на Првата светска војна (1914-1918).
Ж.З.