2win800x200

Интервју со Зарина Првасевда-За подобар почеток не можев ни да сонувам

Април 26, 2020

 

Интервју со Зарина Првасевда за Апла.мк по промоцијата на нејзината прва рожба „Мори моме Солуненке“

„За подобар почеток не можев ни да сонувам“

Вчера македонската јавност имаше можност да ја  чуе првата песна од првиот албум на Евгенија Здравевска или како што сите ја знаеме Зарина Првасевда. Прекрасната изведба на песната „Мори моме Солуненке“ не остави никого рамнодушен. И овој пат одекна ангелскиот глас на Зарина Првасевда најавувајќи нова рожба, нов почеток!

Се надевам дека ова мало парче музика откинато од моето срце и извајано со многу љубов заедно со овие прекрасни музичари и целиот тим кој работеше на него , ќе ви го затопли срцето барем следните неколку минути...

Дефинитивно, овој датум останува силно запечатен во дневникот на моето земско патување, како еден нов животен почеток, порачува Зарина Првасевда.

Апла-Како се роди идејата за „Мори моме Солуненке“?

З.П-Песната „Мори моме Солуненке“ е дел од албумот „Билбил пее во планина“ кој е целина од 12 песни кои наскоро ќе излезат. Во суштина ова е многу стара Егејска љубовна песна , еден многу инспиративен регион во денешна Грција, со кој чувствувам голема поврзаност, каде за наша среќа се уште има жива традиција и фолклор како и вакви песни на еден многу топол македонски јазик од кои учиме за нивното битисување  низ времето и денес . Всушност овој албум стоеше неколку години во една моја фиока, затворен на сигурно, чекајќи го својот бел ден.  Но бидејќи не верувам дека нештата се случуваат сами по себе, без ангажираност, дисциплина и труд, во меѓувреме постојано го мислев и му испраќав љубов, барав начини и можности за негова реализација. Конечно, после неколку години древното „Трпение – Спасение “ во мојата глава дојде суштинско.  Мислам дека почна да се реализира со онаа случајна планинарска приказна „Билбил пее на планина“, која на мое големо изненадување предизвика многу силни и позитивни реакции од речиси пола милион гледачи и на некој начин беше и мојата „трамболина“, па така спонтано овој албум веќе го доби и своето име. Од таму до тука, патот не беше  ниту лесен ниту едноставен, но со многу труд,  искреност и верба во срцето себе си си докажав дека се е возможно. Па еве,  нека биде ова една другарска прегратка и охрабрување кон сите оние кои се двоумат за било што нешто што би сакале да започнат.  

Апла-Како ги избиравте песните за вашиот прв албум? Кој е тимот со кој соработувате?

З.П-Бидејќи традиционалната песна и музика отсекогаш ми биле најсилна страст и интерес од дете, во „тефтерот“ стојат многу песни па тешко беше да се избере селекција кои од нив да одат во првиот албум, а кои да причекаат уште малку во фиоката. За да се одлучам ми помогна мојот другар Дарко Фурнаџиски , кој воедно е и еден од највиртуозните мулти инструменталисти на традиционални инструменти кој  некогаш сум го запознала и кој е моја голема инспирација. Ние со него имаме долгометражни средби каде повеќето од овие песни си ги изведуваме за душа, па можам да кажам дека овој албум излегува од  едни многу посебни места на „мојто срце“. 

Подоцна во една случајна средба го запознав и Александар Петров, перкусионист и композитор, човек кој прави магии на тапан и музика од се,  па уште при првата наша средба на некој начин почнавме да се разбираме. Имавме неколку заеднички настапи како дуо кои одлично поминаа, а подоцна тој се појавува и како автор на повеќето од аранжманите. 

За моја среќа бидејќи тој е музичар со  интернационално искуство, тој веќе работел и е долгогодишен пријател со некои од луѓето со кои јас сакав да го имам искуството да работам , а  од позиција на некој кој ќе прави сефте во овие води се чинеше апстрактно , како Васил Хаџиманов (пијано ) , Исмаил Лумановски (кларинет ) , Газменд Бериша (виолина) , Оливер Јосифовски (бас).  Во албумот се појавуваат покрај овие и многу други наши заеднички соработници и пријатели, моја вечна поддршка и мотивација , професорот Благојче Трајковски (кларинет ) , Ратко Даутовски (перкусии) , Филип Михајловски (канон) , Дејан Цветковски (виолончело), Гоце Димовски (кавал) па така се испреплети нивната претходна љубов и доверба и мојата желба кон наша заедничка музичка приказна.  На моја огромна радост во една од песните се појавува и еден од членовите на триото Ана Кап од Франција , Мануел  Декрок како и Оливиер Самулен виртуозен виолист од Франција. 

Апла-Како се снимаше материјалот за вашиот албум? Дали покрај ситуацијата имаше свирка во живо?

З.П-Материјалот се снимаше во живо, т.е сите инструменти и секој звук кој ќе го чуете е органски, на што многу се радувам. Се снимаше во студио Подрумот, на Ангел Ќосев , еден од најпрекрасните и избалансирани луѓе кои ги познавам и се разбира, голем професионалец.

Видео документи од снимањето и видеото на „Мори моме Солуненке“ го направи Ѓорѓи Вацев, кому сум неизмерно благодарна за посветеноста и трудот.

Ова се луѓето кои работеа на создавањето на проектот, но покрај нив, иако сосема сама бев локомотивата на целото, позади мене стоеше армија на луѓе кои беа моето гориво во вистинска смисла на зборот. Горивото ми беа покрај физичките и фановите на мојата страна, нивните коментари и пораки, исклучиво значајна беше моралната поддршка, моите блиски пријатели, семејството и сите оние кои кога застанував да се одморам, ме потсетуваа дека можам и умеам со широко отворени гради и насмевка на лицето. Нив бескрајно им благодарам!

Апла-Дали сте лично задоволна од сработеното, што би менувале? Сонувавте ли за ваков почеток и успех?

З.П-Едноставно , се што можам да кажам денес од ова мое столче во село, со сиот мир во срцето каде во позадина слушам птичји пој и Мала река во својот полн ек и ги пишувам овие зборови, е голема благодарност кон Универзумот ( Бог) што ми даде можност својот животен сон да го остварам токму вака и со овие луѓе. Мислам дека за подобар почеток не можев ни да сонувам.

Мојата најдлабока желба во врска со овој мој прв проект,  е во целото ова бунило , во се што наоколу се случува и не опкружува, ова мало парче музика откинато од моето срце, бар за момент да загрева душа.  Сакав да направам и споделам музика, која за момент ќе не застане. Ќе не врати и однесе на некои различни места каде што не сме биле никогаш претходно. Секоја песна има своја карактеристика, своја приказна и ниедна не личи на претходната. Различни јазици, дијалекти. Сакав да ви дадам рака да  отпатуваме заедно на една прошетка по Балканот и повторно назад, но овој пат  поголеми во срцето.  А кога човек е во срцето, тогаш магија е што дава и наоколу сее. И тоа е уметноста на која денес најсилно и се восхитувам. 

И за крај... Не престанувајте да сонувате. Животот понекогаш знае сериозно да не искушува и изморува, но кога ќе се изморите, направете пауза... само не застанувајте. Соништата речиси секогаш се исполнуваат ако навистински се посакуваат. Понекогаш дури и посилно отколку што сме замислувале, ко во мојот  случај. 

Ве поздравувам и едвај чекам наша повторна дружба, со ново парче музика!

Апла.мк

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани