Стратегија и тактика-хумореска на Панде Петровски

Март 17, 2023
автор: Панде Петровски автор: Панде Петровски

Афоризми

Колку повеќе бирократи, толку за работниците помали плати.

Некои органи од државната администрација, веќе се за трансплантација.

Од колено на колено, до поколение разболено.

 

 

Хумореска

СТРАТЕГИЈА И ТАКТИКА

Нашата зграда е од оние со четири влезови. По еден на сите страни на светот. Непосредно по вселувањето си избравме и Куќен совет, а за претседател го избравме господинот Арсо, кој тогаш го викавме другарот Арсо иако според возраста на повеќето можеше и како татко да ни биде. Под негово владеење се донесе и првиот куќен ред, се собираа месечни прилози за куќниот фонд, се посадија млади фиданки и трева во паркот. И покрај тоа што многу порано беа удрени темелите уште кога почна да се гради зградата, слободно може да се рече дека со овие зафати се удрија темелите за правно и нормално функционирање на животот во зградата.

Теравме така неколку претседателски мандати, но сега веќе дедо Арсо не сакаше повеќе да биде претседател затоа од здравствени причини ни кажа дека се повлекува од функцијата. Токму си помисливме дека ќе си останеме без претседател, оти никој повеќе не ќе сака да биде претседател во нашата зграда во која веќе повеќето од комшиите беа меѓу себе испокарани, а некои дури и замразени, за чудо се јавија како заинтересирани дури по неколку кандидати од сите влезови. Си започнаа тие и свои предизборни кампањи во кои ги вклучија и жените и децата, но по пат на елиминација на крајот сепак останаа само двајца кандидати. Едниот од првиот, а другиот од вториот влез.

На закажаниот ден за избор, едно убаво неделно претпладне се собравме на терасата. Едни од дома си носеа и столчиња, други си послаа на цементото, а имаше и такви кои стоеја простум со рацете назад на газот. Меѓу нив по суратите лесно можеа да се препознаат сеирџиите кои изигруваа посматрачи.

Откако ги слушнавме платформите на кандидатите, дознавме дека едниот ни ветува чешма во паркот како проект од еколошката програма, а другиот, дека посебно ќе се ангажирал во областа на сообраќајот, односно за регулирање на паркирањето пред и зад зградата. Сето тоа беше убаво да се слуша ама кога влегоа во дуел, меѓу себе да се напаѓаат, да се критикуваат, со вулгарности да се навредуваат, нас од срам почнаа лицата да ни се вцрвуваат. Арно стана еден комшија и ги прекина велејќи:

–Кај бевте, бе батиња, кога беше најтешко, кога ни се мочаа уличарите по скалите. Сега на готово ќе се испотепате за да станете претседатели, на готов куќен ред, да не речам статут, море устав на зградата, со готови фондови и така натака и уште понатака.

Кога се виде дека на дискусијата ќе и нема крај, се пристапи на гласање. Дактилографката Мица самоиницнјативно на компјутер имаше изготвено гласачки ливчиња, исти како оние вистинеките на ДИК. Гласавме како што гласавме, а се знаеше како гласавме. Ние од првиот влез за да не се замеруваме и намќоречки да се гледаме кога ќе се среќаваме по скалите, си гласавме за нашиот кандидат, а оние од вториот – за нивниот, од другите влезови не се знае точно кој како гласаше, но кога ги отворивме ливчињата, гледаме дека некои се преправани, пишани-бришани. Повеќето беа неважечки и така ни еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство. Одлучивме по две недели да одиме на втор изборен круг.

Се пуштија двата кандидати од стан во стан, на директни средби со станарите. Што им ветуваа, кој ги знае, но и во вториот круг влегоа со подеднакви шанси, што се виде и од самото гласање. Едниот победи само со еден глас разлика, и затоа неговиот противкандидат пак тврдеше дека е направена некоја ујдурма. Тој не отиде ни да му честита, но затоа на новиот претседател скокнаа да му честитаат неколкумина од неговите најблиски комшии. Почнаа да го гушкаат, да го шлапаат, целиот го излигавија. Кога го кренаа на раце се стуркаа и за матку од тераса удолу ќе им испаднеше. Како некој атентат да му прават, сето тоа личеше.

Се приближив јас некако откако стивна малку еуфоријата. Сакав само да му честитам, а тој видно расположен, загледан преку мене во иднината, ми вели:

–Другата недела ќе правам инаугурација. Ке викнам новинари и сниматели од локалната телевизија. Си имам јас стратегија и тактика. Кога ќе ме видат граѓаните од соседните згради ќе ми скокне популарноста. Ке го активирам тогаш планот „бе“ според кој ќе треба да бидам предложен и за во Општинското собрание. Потоа ќе атакувам и на пратеничко место во Парламентот.

Со оваа стратегија и тактика си велам, вака ако продолжи нашиот комшија, не до нашето Собрание, туку и до Парламентот на Европа може да стигне. Море и уште понатака, и до Генералното собрание на Обединетите.

 

Панде Петровски фото 1

 

Панде Петровски: Ликовен уметник и педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.

 

 

По избор на Александар Литовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани