2win800x200

Битолската Касарна (пишува Валентин Груевски)

Декември 12, 2019

103 хектари вкупна површина, многу зеленило, наследени десетици објекти добиени од централната власт на подарок, извонредно фудбалско игралиште и неограничени можности за раст на градот. Тоа беше наследството кое Битола го доби од централната власт некаде во 2005 година, кога некогашните касарни станаа сопственост на локалните власти.

Добивме непресушен извор за финансирање, добивме можност за долгорочен развој  и планирање, добивме можност за визионерство и нов модерен дел на градот, добивме можност за напредок.

Убеден бев и тогаш, а и сега, дека касарната не треба да се распродава наеднаш, дека со тоа само ја девалвираме цената на тој простор, дека ништо нема да добиеме, а ќе изгубиме многу средства со непланската и нерационална продажба на земјиште.

РАСКРЧМУВАЊЕТО

На целиот простор започна продажбата на земјата по цена од едно евро од  квадрат, со кражбата  на објектите кои останаа општинска сопственост, со сечењето на големите дрвја, со уништувањето на игралиштето, со продавањето на целиот рид (ридовите) за ситни пари, со затворањето на ветерот по Север-Југ , се раскрчмуваше се и насекаде.

Наместо долгорочно планирање, се зедоа ситни пари, се наплатија комуналии кои беа потрошени за секаде и за никаде, инфраструктурата само се нацрта, дрвјата се исекоа, патот покрај стадионот не се направи, градот немаше визија да ја препознае иднината,  немаше компас каде треба да се движиме. Потрошивме многу, добивме премалку.

Како и секаде сметката стигнува на крајот. Само не сум убеден кога и каков е крајот. Најпрво граѓаните си  побараа  и допрва ќе си бараат (со право), услуга за она што регуларно си го платија. А си платија за улици, вода, канализација.  Општината посегна по кредит од 2,5 милиони евра, кој сега го враќаме сите. Можеби и не се високи каматите, ама треба да се вратат парите кои безмилосно и ненаменски беа потрошени. Цената која ја плаќаме по здравјето, не може да се измери со пари. Украдените објекти исто така не се парично проценети.

СПОРТСКИ САЛИ

Тениски терени, студентски домови, кошаркарски игралишта, трим патеки, детски игралишта, градинки, велосипедски патеки и  големи паркови требаше да биде иднината на тој дел од градот. Касарната требаше да биде едно големо живо шеталиште кое ќе функционира 24 часа на ден. Таа требаше да зрачи со живот, со младост, со иднина, со дух. Парите кои ќе се изгубеа од комунали ќе ги вратевме илјадници пати повеќе во наредните години. Тоа беше шанса за Битола.

Не требаше да се брза, дел по дел требаше да се осмислува. За жал, сега веќе ништо не може да се преправи и да се поправи. Целиот рид е веќе распродаден, парцели за куќи и за згради, многу бетон и железо, ама ништо поразлично, на пример, од другите битолски населби.

Се изгуби една огромна можност за градот. Преовладеа желбата за брзи пари и победа на следните избори.

А можеше да биде и подобро, и поубаво, и поздраво, и побогато, и поживо, и...

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани