АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Македонија е на прагот на уште едни парламентарни избори. Во политичките кулоари и партиските кујни наголемо се зборува за исходот од истите, се прогнозираат победниците, се лицитира со бројки, кој колку гласови ќе освои, на кое место ќе освои повеќе од минатиот пат, а на кое помалку. Кој ќе биде пратеник, а кој нема да го биде, кој има амбиции, а кој е реално до добитните места.Се зборува секаде и на секое место. Сосема легитимна полемика и легитимни размислувања.
Можеби во поразвиените земји, ваквата полемика не е толку честа и толку жолчна, но на Балканот и во Македонија, каде политиката или е, или се смета дека е смешана во сè, ова е „вистинска“ потреба, и секој кој вели дека е незаинтересиран, мислам дека не ја зборува вистината.
Би сакал во неколку реченици да го прогнозирам победникот, или што мислам дека е она што ќе ги одлучи изборите како во Битола и во Македонија.
Македонија
Изборите ќе ги добие оној што ја прифаќа македонската реалност и кој го познава новиот систем кој се воспоставува во Македонија. Не можете повеќе да добивате избори со паролите од деведесетите години, кога Солун требаше да биде наш, или Македонија требаше да биде само на Македонците. Нема да се добијат изборите со постојаните закани, со желбата да се игнорира правото, или да се промовира неказнивоста. Нема до победи и оној кој зборува за економија, а се уште седиштето му е во огромна бела палата од осум ката, заглавена во долгови и покриена со луксузен мебел.
Изборите ќе ги добие оној кој ќе понуди соживот, заеднички вредности за сите кои живеат овде, и за Македонците и за сите останати, за рамноправност, за еднаквост. Оној кој ќе понуди подобар економски живот, кој нема да нуди поделби и кавги. Таквата реторика ќе донесе повеќе гласови, ќе донесе победа на изборите. Гласови носи и вербата во иднината, вербата во подобар живот, кој го нуди Европа, а кој неизвесна иднина.
Битола
Слушам најразлични прогнози и типувања. Различни се прогнозите и анкетите во зависност од тоа од која страна доаѓаат. Ама знам дека нема да победат тие што сметаат се уште дека Талески беше добар градоначалник, тие што за време на своето владеење си купија деловен простор во центарот на градот од 300.000 евра, тие што го заглавија битолското образование со милиони евра, што сакаа да го продаваат Офицерски... Опција што остави пустош и неред во целиот град.
Ќе победи опцијата која ќе понуди развој на градот, која ги враќа долговите, која го гради, а не го распродава Офицерски, која гради стадион, која ќе ја реконструира спортската сала, гради базен, се грижи за животната средина, ги реконструира најголемите улици, гради паркови и детски катчина, и искрено сака да створи подобри услови за живот. Ќе победи опцијата која нема да создава нови „Транспортери“, нови кредити, нови задолжувања.
П.С. Подобар резултат ќе остварат и они кои ќе ги надминат суетите , кои ќе разберат дека само заедништвото и работата ќе доведат до успех, кои ќе разберат дека успехот ќе биде заеднички, ама неуспехот секогаш е со име и презиме.
Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)