Webp.net gifmaker

Од каде доаѓаат размислувањата дека некој не лажи?(пишува Валентин Груевски)

Јуни 04, 2020

 

Не знам уште колку многу докази треба да видиме, колку ковчези, колку респиратори, колку здравствени работници треба да ни објаснат дека ова е еден тежок невидлив  непријател, колку јавни личности треба да се разболат, за да разбереме дека ова не е играчка и дека од овој вирус лесно е разболува, а и лесно се напушта овој свет.

Се обидувам да разберам од каде доаѓаат размислувањата дека некој не лажи? Од каде доаѓа желбата да го уништиме ова што го градевме скоро три месеци, притоа секогаш гласно негодувајќи на секоја одлука на здравствените власти, затоа што сите ние знаеме многу повеќе од нив. А негодуваме на се и сешто. Ако има полициски час, зошто има, ако е од 16 часот, зошто не е од 19, ако е три дена , зошто не е два и други небулози, само и само да си најдиме тема на разговор и да критикуваме кога ќе се собериме по куќните слави и имендени и притоа обавезно објавиме слика на нашите профили.  

Препораките

Мора да ги почитуваме , а тие се толку многу ,,едноставни“ и лесно применливи што за никој не би требало да бидат проблем. Носење маска и држење дистанца, за да не се разболиме и за да оди некој по наша вина на оној свет. Мислам дека тоа не е тешко. А и  сите се согласуваме во едно. Секаде во Европа се намалуваат мерките, ама никаде нема непочитување како кај нас. Каде не се почитува социјалната дистанца, каде не се носи маска? Никаде во Европа и никаде не е тоа пример. Ама нели ние знаеме многу повеќе од другите, нели од кај нас започна светот  и ние сме  многу попаметни од сите.

Почитувани пријатели не е така, мора да си ја намалиме гордоста и да признаеме дека ова ќе ни потрае и дека утре или задутре нема да  заврши. Ова ќе ни биди реалноста со која ќе живееме подолг временски период и мораме да се навикнеме на неа. Во неа ќе нема место за импровизации, за размислувања од типот нас нè не фаќа, далеку е тоа од нас, не лажат, гром в коприви не мава. Што побрзо ние тоа го разбереме, ќе биде подобро за сите.

14 дена без регистриран новозаболен во Битола

Полициски час ќе има за претстојниот викенд на територијата на цела Македонија. Некои градови ќе бидат 70 часа под карантин а некои ќе бидат пократко. Битола за среќа има само 3 ( и со букви три) активни случаи во моментот и целиот град заслужува честитка, ама тоа мораме да го задржиме. 14 дена сме без регистриран новозаболен ама апсолутно не треба да мислиме дека ако се опуштиме, така и ќе остане и дека не чува некоја невидлива рака. Се чуваме самите себе и никој друг.

Има една народна која вели дека, „Ако мечката игра во дворот на комшијата, голема е веројатноста да заигра и во нашиот“. Наше е да не викаме да дојде, туку да придонесиме да замине и од комшискиот двор.

Македонија е мала држава и по територија и по население, со секакви  врски меѓу населението. Скопје оди под целосна изолација, а прашањето е за овој викенд колку наши ,,скопјани“ за овој викенд ќе дојдат во Битола, кај родителите, кај браќата, кај сестрите, кај пријателите.  Да потсетам за случајот „Епинал“, кога ги искршивме компјутерите за да кажеме дека треба да ги протераме од градот луѓето кои беа во карантин.  Прашањето што се поставува е дали треба целосно да се движиме и без ограничувања и дали и нас треба да ни се ограничи движењето. И треба движењето да биди ограничено не поради  Скопје и Штип, се затвораме поради нас самите за да останиме здрави и да се видиме повторно поради  некоја ,,нормална“ причина. Ќе бидеме ли посреќни ако нема полициски час, а по десетина дена имаме уште 50-на заболени? Сигурно не.

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани