АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
После завршувањето на изборите и конечните резултати, разно-разните анализи и предвидувања за идната влада и нејзиниот состав, политичката атмосфера полека се смирува и се враќаме повторно во нормала, ако така може да се нарече времето со вирусот, кое дефинитивно не измести од тековите кои ги живеевме претходно. Полека, и се навикнуваме со надеж дека се брзо ќе заврши, иако веќе дискутабилно е што е тоа брзо.
Под силните емоции за победниците и поразените на изборите, за тоа кој каде згрешил, кој каде погодил, што можеше да биде побрзо и што можeше да биде подобро, каде беше згрешена или погодена кампањата, кој дел требаше да биде повеќе потенциран или премолчен во Битола, тивко се случуваа неколку работи на кои битолчани можат и треба да бидат горди и ги посакуваа да се случат.
СПОРТСКА
Битола треба да биде горда на неколку работи кои се случија во претходниот период. Ракометниот ,,џин“, полека но сигурно си го зазема местото, кое му припаѓа на македонската ракометна карта. Вчера, после долги години беше совладан Металург, некој што сака да омаловажува, ќе рече пријателски беше натпреварот, ама не сме победиле одамна и во пријателски натпревар со нив. Ако беше со публика, сигурен сум дека битолчани ќе го преполнеа игралиштето во Струга.
Викендот се израдувавме, сосема заслужено, после две години и на прволигашка фудбалска победа против струмичката Академија, екипа која во цел изминат период нанесува огромна штета на битолскиот фудбал, ама не мислам дека вината е во нив, туку беше кај нас. Честитки до луѓето во клубот кои докажаа дека и во Битола има луѓе кои ја познаваат оваа игра, знаат како се игра, ама и како се победува еден од нашите најдобри тимови.
Ако ги додадеме и напорите на кошаркарскиот клуб, кој според тимот кој го создава ќе биде во најдобрите тимови, Битола ќе има супер спортска натпреварувачка 2020/2021 година
Треба да бидеме горди и на инфраструктурата која се создава, на Стадионот кој забрзано се гради, на кугланата, на базенот, на игралиштата кои се реновираат.
КУЛТУРНА
Културна Битола исто така ова лето се израмни со другите македонски градови. Петар Грашо, легендарниот Жељко Бебек, Амира Медуњан, Дарко Рундек, домашните Љубојна, Баклава, Камерниот оркестар и уште неколку во најава до крајот на летото, ја ставаат Битола на врвот на културната карта. Август е преполн со вакви настани, а се надевам дека ако здравствената криза се намали истото ќе се случува до крајот на годината и во затворените простори.
Треба да бидеме горди и на офицерскиот дом, на инвестицијата од скоро еден милион евра, со кое ова прекрасно здание, за мене лично најубавиот дел на Битола, го добива ликот кој го заслужува и ликот кој беше препознатлив за него. Ќе започне и партерното уредување, и тој дел ќе биде една прекрасна целина на која сите ќе бидеме горди, дека е наш, битолски и ние ќе си го управуваме.
Се започнува и проектот за уредување на Хераклеа, а традиционалните манифестации , кои и покрај короната го одржаа својот континуитет, само ја дополнуваат сликата за културна Битола.
П.С. Ако некој се прашува, зошто како Општина се фалите, а нигде не учествувате, одговорот е едноставен. Во сите овие успеси и погоре наведени настани Општина Битола учествува и активно (најмногу финансиски ) ги помага.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)