Webp.net gifmaker

Со мерак сработено!(пишува Валентин Груевски)

Септември 11, 2020

 

Во овој мандат Советот на Општина Битола, донел многу одлуки, одржал десетици седници, но оваа последната е една од најплодните во смисла на носење на значајни одлуки во интерес на сите граѓани. Донесен беше и ребаланс на буџетот за 2020 година во кој беа одредени многу значајни работи во интерес на  граѓаните на Општина Битола. Самата седница траеше десетина часа, ама на крајот видливо беше задоволството на лицата на советниците од значајните одлуки кои беа донесени.

Значајно е да се каже дека и еден предлог кој не доаѓаше од редовите на позицијата, со поддршка од неколку членови од позициските редови, се најде на седницата , што е уште еден доказ за демократијата која ја градиме, која споро, но сигурно навлегува и во овој демократски дом. И нема тука ништо страшно, доколку се разбере како желба да се придвижат работите, да се направи нешто подобро и пофункционално, а таа желба постои кај сите советници.

НОВА ГРАДИНКА

Нова градинка е првата работа која ја донесе Советот како одлука и која Битола ќе ја добие.  После многу години, градинка за 250 деца, со најсовремени стандарди ќе се гради во битолската касарна. Вкупната инвестиција од 1,4 милиони евра, ќе биде обезбедена од битолската општина и од компанијата „Кромберг и Шуберт“. Компанијата обезбедува 200 илјади евра, а општината 1,2 милиони евра. 13 занимални, сопствена кујна и најмодерни средства за престој и учење на децата во оваа градинка. Голем дел од подготвителните работи се завршени, за брзо ќе биде објавен и тендерот за изградба, а до Нова година, ако се биди во ред, ќе ги видиме и темелите на градинката.

Здравствената криза наметнува во сите пори на живеењето нови стандарди и нов начин на функционирање. По пауза од неколку месеци дел од  учениците се враќаат во училишните клупи, ама за тоа се потребни посебни услови. За сите училишта, со одлука на советот, општината обезбеди околу 200.000 евра со што училиштата ќе можат да обезбедат нови компјутери за секој професор по секој предмет, супер брз интернет, топломери и средства за дезинфекција.  Максимално добри и безбедни услови за работа и учење, се приоритет за сите нас.

ТРНОВО-МАГАРЕВО, ДОВЛЕЏИК

Трново-магарево, Довлеџик, Буково, улицата покрај Градскиот стадион, Дихово,  се неколку од улиците или проектите кои ќе бидат приоритет во следниот период за локалната самоуправа. Мислам дека беше крајно време да ја подобриме инфраструктурата кон Пелистер со нов коловоз од раскрсницата за Нижеполе до црквата во Трново. Влезот од страната на Довлеџик, исто така ќе го започнеме оваа година, со ново сообраќајно решение, а оваа година започнува и поместувањето и покривањето на каналот кој поминува во касарната покрај Тумбе-кафе.

Продолжува, и се зголемува, поставувањето на ЛЕД осветлувањето, а донесовме и одлука со која ги зголемуваме средствата во оваа програма. Нови седум милиони денари за нови светилки, за поекономично, посигурно и поефективно осветлување. На крајот, ама не и најмалку значајно е втората фаза од формирањето на меѓуопштинското  претпријатие за превоз, за кое Битола веќе набави два минибуси на метан, а набргу следуваат и постапките за уште четири вакви минибуси. Полесен и поекономичен превоз.

Да заклучам, повеќе вакви седници, поголем бенефит за сите и за секого.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

      

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани