2win800x200

Закон за спорт (пишува Валентин Груевски)

Октомври 15, 2020

 

Пред неколку години во Македонија се воведе ваучерскиот систем за финансирање на спортските клубови, со кој државата овозможи дел од парите кои се берат во државната каса да завршат во екипните и во индивидуалните спортови и со тоа да се помогне на спортот, како една гранка, која во државата, се уште  не може да биде профитабилна и й  треба помош. Се разбира секоја чест на исклучоците кои можат да функционираат без помош, но тие се многу ретки и само ја потврдуваат погоре изнесената теза.

Што овозможува законот и како функционира? Фирмите кои имаат добивка имаат право дел од добивката, односно 50% од данокот на добивка, да уплатат на сметката на спортскиот клуб, притоа не зголемувајќи ги своите трошоци и регуларно помагајќи. За  да добиете вакви средства секој клуб треба да исполнува одредени критериуми кои се претходни познати и во зависност од резултатите кои ги постигнува во претходната година има право на определена сума на пари.  Државата ја ограничува и вкупната сума на пари кои можат да влезат во спортот и таа во моментот изнесува околу 10 милиони евра.

ПРОБЛЕМИ

Првиот проблем кој се јавува во функционирањето на овој закон е тоа што се ограничува просторот од каде може да се добијат парите. Клубовите мора да ги ловат фирмите кои искажуваат добивка, да „ѕирнат“ во сметките и да знаат од каде да побараат пари. Со самото тоа што можат да помогнат само одредени фирми, многу се скратува просторот од каде можат да се побараат парите, а тоа посебно се однесува во малите места, каде просторот е многу помал а фирми има многу помалку кои можат да одвојат финансиски средства.

Вториот проблем е можноста за злоупотреба на законот, односно одредени условувања на кои се жалат клубовите, односно оној кој ви дава одредена сума на пари да бара за истата и соодветна противуслуга, односно враќање на кеш на одредена сума. Тоа особено се случува кај одредени клубови кои се направени наменски само за оваа дејност, а целта е одредена сума на пари, наместо во државата да завршат во нечии џебови.

МОЖНО РЕШЕНИЕ

Бидејќи државата се „откажува“ од одредени средства, сеедно е од кој извор или од кој џеб се даваат. Најдобро е, и најкорисно ако тие пари се одвојуваат од ДДВ-то, односно од парите кои се плаќаат од ДДВ, притоа целосно почитувајќи ги сите критериуми за тоа на кој и колку му се доделени средства. Со ова решение ќе се зголеми основата од која ќе се земаат парите, односно ќе се овозможи клубовите да имаат можност да побараат пари од повеќе места. Предноста е тоа што и во помалите места, полесно ќе се доаѓа до пари, а ќе се избегне и трчањето по фирмите кои имаат добивка.

Втората работа која мора под итно да се промени е тоа што, парите наместо фирмите, да ги исплаќа управата за јавни приходи, како институција надлежна за прибирањето на даноците и институција која има увид во работењето на претпријатијата. Со тоа директно ќе се избегнат разните ,,кеширања“ на институциите, барањето на поврат на одредени средства, злоупотребите од страна на поединци кои го компромитираат целиот процес, кој мора да признам е замислен за помош и добро функционирање а во голем дел и така функционира.

Се надевам дека, во новиот состав на парламентот, ќе се најде сила да се донесат неколку промени кои значително ќе го подобрат функционирањето, а тоа да биде со цел за подобро на целокупниот спорт.    

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани