2win800x200

Воените профитери изгубија 3:0 во Битола (пишува Валентин Груевски)

Април 02, 2020

Пред нас е исправен непријател, невидлив, многу опасен, застрашувачки моќен, кој не бира ни униформа, ни возраст, ни богати, ни сиромашни, ниту националност, ниту професија. Но, оваа војна мора да ја добиеме, и ќе ја добиеме, иако последиците ќе бидат големи и долго време ќе се чувствуваат.

СОЛИДАРНОСТ

Целиот свет покажува солидарност, луѓето помагаат меѓу себе, секој колку може го поднесува товарот на битката, држава помага на држава, доктор на доктор, ученик на ученик, on line настава, родител на родител. Секојдневно ги слушаме приказните како големите луѓе од светот на бизнисот, спортот, уметноста се откажуваат од своите пари и ги донираат на своите држави.

КАДЕ СМЕ НИЕ?

И во Битола илјадници примери за помош. Илјадници луѓе донираат, изработуваат маски, изготвуваат визири, донираат средства за чистење и дезинфекција. Помагаат со своја механизација, дезинфицираат улици, се откажуваат од своите приходи за некаде да помогнат и побрзо да се преброди ова искушение.

Секоја чест и благодарност  за нив, ама едно огромно разочарување, огромна вознемиреност и голема горчина кај огромен дел од граѓаните на Битола,  предизвикаа реакциите, на не така мала  група на луѓе, кои се обидоа носењето на 50 наши сограѓани во строго контролиран карантин во Хотел Епинал, да го претстават како национална катастрофа, како желба намерно да се зарази Битола, како негрижа кон градот, ама за среќа убедливо ја изгубија битката од мнозинството, од разумот, од рационалноста, од желбата сите заедно да победиме во оваа битка.

ВОЕНИТЕ ПРОФИТЕРИ

Воените профитери се јавија. Не издржаа. Намирисаа крв. Како некои кучиња на војната се нафрлија врз пленот кој мислеа дека ќе биди лесна мета. Хушкаа, сакаа крв, подбуцнуваа, повикуваа на линч. Патетични пораки од типот- Готов е градот, 50 заболени во центарот, ќе се шетаат и сите ќе не заразат, да го запалиме Епинал“, па наредниот ден да ја запалиме Молика, блокада на патот за Пелистер, од фекалиите ќе се заразиме, па загрижувачки прашања од типот за локацијата, како тоа карантин во центарот на градот. Како да има некаква врска кај е карантинот?!

При тоа заборавија дека таму можеби има наши другари, наши комшии, роднини, наши деца, пријатели, познаници, а и да немаше ништо од претходно кажаното, таму имаше и се уште има луѓе, кои не се болни. А што и ако беа болни? Ќе ги обесевме ? Луѓе кои во тој момент останаа надвор од државата, а државата ги донесе дома. Дел од нив изигруваат и верници, ако се, не знам кај ќе им оди душата.

 За среќа на сите нас, со фудбалски  речник кажано изгубија  3:0, убедливо, најчисто, без никаква помош од судијата, ама со громогласна публика која беше против нив. Што е најважно за нас, а најстрашно за нив, ги изгубија шансите за реваншот. Или им се минимални, во рамки на теоријата. 

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани