АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Кубанците од танцувачката компанија „Фламенко Екос“, ѕвездите на Фестивалот на музика од светот што викендов се одржа во Битола, ја изненадија публиката со инструменталната изведба на македонската патриотска песна „Слушам кај шумат шумите, буките“. По ова кубанците заедно со битолчани заиграа оро низ слата на Центарот за култура.
Со настапот на Кубанците „Фламенко Екос“вчера заврши и десеттото јубилејното издание на Фестивал на музика од светот во Битола, чиј организатор е Центарот за култура,а е поддржано од Министерството за култура и Општина Битола. „Фламенко Екос“ се искусна група танчери и музичари кои се посветени на уметничката продукција, проучувањето и промоцијата на фламенго уметноста.
(фото Димитар Петковски)
Битолската публика исто така имаше можност да ужива во фантастичните концерти на „Синтезис“ и „The Quartet“.После концертот,Синтезис пред присутните на фестивалот ја промовираа и својата монографија -20 години музичко постоење на Синтезис, ѝ раскажаа на публиката неколку анегдоти поврзани со нивното долгогодишно постоење и го презентираа албумот „Остров“.The Quartet од Скопје, во рамките на Фестивалот на музика од светот изведоа Свита за флејта и џез пијано трио од Клод Болинг, кој го нарекуваат и францускиот Гершвин.
(фото Димитар Петковски)
За крај на оваа убава музичка приказна, селекторот на фестивалот Оливер Јосифовски од групата „Љубојна“ одлучи оваа година својот хонорар за селектор на фестивалот да го донира во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца - Битола.
(фото Диоген Хаџи Коста Милевски)
Ова е една од најпосакуваните и најпосетувани музички манифестации во градот во текот на годината, на која досега настапиле Ричард Галијано, Наташа Атлас, Васил Хаџиманов, Каролина Гочева, „Фолтин“, Љубојна, Тереза Салгуеро, Карсу Домнез,Исмаил Лумановски и други.