2win800x200

Разочарувањето како нус ефект на очекувањето

Јули 08, 2018

„Непрекинато откривам дека никако неможам да ги откријам луѓето. Она што го кажуваат не е она што го прават, а дали е она што го мислат? Можеби ни сами не знаат!“

Меша Селимович

Ви се чини дека знаете сѐ за другиот, каде греши, како треба да се однесува, која работа му прилега, кое однесување согласно ситуацијата треба да го манифестира... Ако се прашаме доволно искрено ни сами за себе не знаеме секогаш. И иако е полесно да ,,му делиме ум“ на оној другиот, не замислувајќи ни одблиску каков би ни бил животот да сме во неговите чевли, понекогаш се заглавуваме во нашиот без да сме свесни.

Кога ќе се заглавиме во себе, најефектна е онаа народната ,,роди ме мајко со к ֙смет и фрли ме на буниште“. Демек, ако имаш среќа нема да се мачиш, туку секогаш ќе имаш слободен ум и работите сами ќе пристигнуваат во твојот живот. И тогаш ќе бидеш ти –ТИ секогаш. Уште да беше така лесно и секогаш да бевме она кое се прикажуваме дека сме пред другите!

Каде грешиме? Скоро никаде, освен што имаме преголеми очекувања од оние околу нас. При тоа ние едно чувствуваме, друго мислиме, трето правиме. Во меѓувреме секогаш сме сигурни дека „проблемот’’ не е во нас туку во оној другиот. Најголемиот апсурд е исчекувањето другите да ги задоволат нашите барања и очекувања. Така имаме сигурна зона на разочарувањето. Дури во неа можеме слободно да страдаме. Ако некој не се однесува според нашите стандарди тогаш проблемот не е во нас. А, и како би можел да биде? Звучи логично ,нели? Е не е!

Се препознавте некаде? Ако е така на добар пат сте да го слушнете она што следи. Влегувате во домот на соседите и почнувате да им ја преуредувате куќата, дворот, гаражата и да расчистувате она што Вас ви смета? Сигурно ќе бидете избркани од таму. Неможете да правите нешто што некој не го бара од Вас само заради тоа што сметате дека така треба. Ниту пак може да се надевате дека некој знае што точно имате во вашиот ум, па ќе го задоволи вашето очекување. Нити пак, она што Вас ви смета на другиот треба да му смета исто така.

Ставете го фокусот на себе. Средете го домот (преиспитајте се и видете каде сте сега и каде сакате да бидете), тргнете ја прашината (тајм аут за црните мисли), додајте некои детали за амбиентот да е поубав (насочете го фокусот на некој цел), а кога ќе дојде соседот и ве праша на кој начин го средувате домот или вашата градина,слободно може да го покажете вашиот пример и да објасните.

Малите работи носат големи промени. Битно е секој ден да се активираме. Ако Вие се ослободите од сопствените очекувања имајќи во предвид дека сте задолжени само за себе и може да работите само на себе, тогаш животот ви тече во друга насока. Ослободени од очекувањата имате сопствено право да работите на себе и тој пример да го пренесувате на оние кои ќе го побараат тоа од Вас. Во меѓувреме усогласете се колку можете повеќе. Таа усогласеност на телото, умот и срцето никогаш не доаѓа однадвор. Потребно е само секој ден да направиме по еден мал чекор.

Пишува,

М-р Билјана Галовска

(coaching & NLP practitioner), info – Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите., 072/252-603

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани