АКО ЉУБОВ НЕМАМ, НИШТО НЕ СУМ?! (Пишува Билјана Галовска)

Јануари 13, 2020

Од денот на нашето раѓање до последниот наш здив, тежиме да живееме љубов, да дишеме љубов и да имаме некој што не сака такви какви што сме. Имаме чувство дека такви ќе сме потполни. И кога на свесно ниво не признаваме, на несвесно посакуваме да бидеме омилени (што значи сакани) во друштво, помеѓу роднини, во семејството, на работа, но сите ќе се согласите со мене дека кога ќе речеме ЉУБОВ помислуваме на партнерски односи. И, некои од Вас можеби се запрашале: Како на некој им оди од рака таа љубов да ја имаат толку долго со тој интензитет или како некои се заедно со својата сродната душа, а Вие не?!

Верувам дека секој од Вас вложил многу за да успее една врска во која сметал дека има љубов и на крајот можеби се разочарал или бил повреден. И верувам дека некои врски се раскинуваат и покрај тоа што љубовта продолжува да трае. Постојат бракови во кои нема љубов, а се среќни,а изгледа постојат и бракови во кои има љубов, а се чувствува некој млаз несреќа.

Постоењето на љубовта не ги решава сите проблеми, нити пак може да направи чуда тие да не постојат. Таа може само да биде погонско гориво за ракетно ласирање на желбата да се истрае во нивно решавање преку поддршка, разбирање и присуство. И, таквата љубов се вели во песните дека ретко постои. Се појавува прашањето зошто?

Сетете се на почетокот на вашата врска, на вашето запознавање и на тоа што најмногу ви се допаѓаше кај вашиот партнер. Сетете се на тоа колку често имавте потреба да бидете заедно, дури верувавте дека не постоела таква љубов со таков интензитет. И низ времето вие еден до друг, се заборавивте еден со друг затоа што имавте попаметна работа - заеднички обврски, одговорности, стресови и други луѓе. Тогаш љубовта се зема ,,здраво за готово,, и се става во контејнер на кој пишува ,,се подразбира,,. И се она што го имате со вашиот партнер се подразбира затоа што постои во вашиот живот. Не се радувате на заедничкото кафе затоа што се подразбира, не дискутирате на некоја тема затоа што се подразбира, не уживате во заедничкото време затоа што се подразбира дека ,,немате време за заедничко време од обврските,,. Така ја убиваме љубовта со куршумот наречен – подразбирање- и станува жртва која некогаш била херој за кој сме биле спремни да градиме споменик. А, потоа таа “не чини” толку многу..... и се мисли дека “некој надвор вреди повеќе или гради поубаво.” И така врските стануваат тешки, токсични, неискрени и стресни, затоа што се смета дека ЉУБОВ е само кога е убаво и кога се ужива.

Иако некои љубови е предвидено да завршат, други да се случат, секогаш постои една вистина. Таа вели ЉУБОВТА не може да опстане сама од себе, неа и треба внимание, добар збор, разбирање, понекогаш и борба за неа, за таа да може да се храни и да живее. Секој ден треба да бидеш љубов пред да побараш љубов, да дадеш љубов пред да очекуваш и да дефинираш што за тебе значи љубовта и како таква да ја живееш, а не само да ја подразбираш.

Во моите мисли кога зборувам за љубовта секогаш се стиховите од првото послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните во кое се вели:

Љубовта е долготрпелива, полна со добрина,

Љубовта не завидува,љубовта не се превознесува,

Не се гордее, не прави што не е пристојно,

Не бара свое, не се срди, не мисли зло,

На неправда не се радува, а на вистина се радува,

Се извинува, во се верува, на се се надева, сé претрпува.”

 

Па, да се прашаме “Дали сме љубов”????????

Пишува: м-р Билјана Галовска НЛП тренер и коуч, предавач на Бизнис Академија Смилевски

 (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани