2win800x200

2500 клими=2500 оџаци помалку (пишува Валентин Груевски)

Февруари 07, 2020

Воздухот, како политичка тема постојано се наметнува во последниот период и претставува  камен на сопнување меѓу политичките партии. Кој повеќе или помалку направил во изминатиот период и кој се грижи повеќе за здравјето на граѓаните.

Битола има загаден воздух и никој  нема намера  тоа да го игнорира. Свеста на граѓаните толку многу се подигна, што сите веќе зборуваат за мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, за следење на најразлични апликации за загаден воздух, за неговата штетност, за намалување на последиците.

Локалната власт сериозно се нафати за решавање на овој проблем. Преземени се многу чекори, а она што ќе се спроведува во наредниот период , очекувам сериозно да го подобри квалитетот на воздухот. А патот до него е „едноставен“. Треба да се заменат сите загадувачи со еколошки системи на греење.  

НАЈСКАПАТА ЕКОЛОШКА ПРОГРАМА 

Битола доби најскапа еколошка програма, со одлука на Советот. 160 милиони денари или 2,5 милиони евра изнесува програмата за Заштита на животната средина за оваа година на Општина Битола. Програма со најмногу пари досега, програма која ги надминува и најоптимистичките предвидувања, програма која е илјадници пати поголема од сите вложувања досега во квалитетот на амбиенталниот воздух.

Граѓаните на Битола ќе добијат можност да инсталираат во своите домови најефективни клима уреди, најеколошки, со најмала потрошувачка на електрична енергија и никакви загадувачи на воздух. Битола треба да добие 2500 оџаци помалку, Битола треба да добие почист воздух, Битола треба да добие силен импулс во локалната економија. Кој тоа не може да го забележи или го води инаетот или не може да препознае ништо.

62.000 ДЕНАРИ ЗА СЕМЕЈСТВО 

Најзагадените делови на градот, односно жителите кои живеат во нив, ќе имаат можност први да аплицираат за оваа мерка. Централното градско подрачје, Карпош, Кланица, Мал Париз, Боримечка, Ушици, Горно Оризари, Стрелиште, Баир, Бадембалари, Камен мост, Јени маале, Арнаут маале, Маџар маале, ќе имаат почист воздух во наредната година. Процедурата ќе биде многу едноставна, граѓаните треба да имаат лична карта во станот за кој конкурираат и да се јават на повикот кој ќе биде објавен во следните неколку дена.

62.000 денари ќе биди вкупната сума која ќе ја добие семејството , кое ќе се реши да го промени начинот на греење, и освен монтажата, нема да има дополнителни трошоци.

Во недостаток на аргументи некој се обидува да ја минимизира ваквата мерка, со евтини „трикчина“ и обвинувања дека ова е популистичка мерка, за која нема соодветна анализа и  математичка прецизност  колку ќе се намали загаденоста на воздухот. Ама фактите се дека ваква финансиски силна мерка досега никој не презел, и ако добро се спроведи, догодина ќе добиеме исто толку пари за некоја друга мерка, која ќе придонесе за почист воздух.

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани